„Елефтерос типос“: Атина стравува од „македонизирање“ на Министерскиот состанок на ОБСЕ на КрфАтина, 22, јуни (МИА) - Раздвижување околу спорот за името меѓу Атина и Скопје ќе има во септември за време на Генералното собрание на ОН во Њујорк, пишува денеска грчкиот весник „Елефтерос типос“.
Весникот додава дека по денешната рунда разговори во Женева, вниманието ќе биде насочено кон Крф каде што е можна средба на министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија Дора Бакојани и Антонио Милошоски на маргините од Министерскиот состанок на ОБСЕ.
Според дипломатски извори на кои се повикува „Елевтерос типос“, Атина е загрижена дека Скопје може да ја искористи одлуката на грчките власти да му дозволат на Милошоски да дојде на Крф со владиниот авион на кој пишува Република Македонија. Грчки дипломати во странство, како што се посочува, добивале честитки бидејќи претстоело постигнување компромис за името, базирајќи ја таа констатација на дадената дозвола за македонскиот владин авион.
Грчкото МНР стравува и од можноста состанокот на ОБСЕ да се „македонизира“ и интересот на странските медиуми да биде насочен кон Милошоски, наведува „Елефтерос типос“.
Шефицата на грчката дипломатија Бакојани денеска изјави дека кабинетот на Милошоски побарал нивна тет-а-тет средба на Крф и оти „таа ќе се обиде да се сретне со него“.
|