Атина, 24 јуни (МИА) - Медијаторот Метју Нимиц на средбата во Женева со преговарачите на Грција и на Македонија Адемантиос Василакис и Зоран Јолевски побарал забрзување на преговорите за името со цел да се дојде до конечно решение, објавува денеска грчкиот весник „То Вима“.
Нимиц притиска за затворање на прашањето и затоа на 6 јули доаѓа во Скопје, а на 8 во Атина, наведува весникот.
Грчки владини претставници, за „То Вима“ оценуваат дека во оваа фаза од преговорите не треба да се очекува посериозен развој, меѓу другото и поради ограничениот простор за носење важни одлуки што го има Владата на Костас Караманлис по лошите резултати на изборите за Европскиот парламент.
„Нафтемборики“, пак, пишува дека прашањето за името повторно излегува на преден план и оти се очекува преговорите со посредство на ОН да се забрзаат за време на шведското претседавање со ЕУ. Шефот на шведската дипломатија Карл Билд, посочува весникот, е во контакт со медијаторот Метју Нимиц, но како што изјавил пред неколку дена „нема намера, ниту можност на некого да му наложи решение“.
Грчките медиуми најавуваат и можна средба на министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија Дора Бакојани и Антонио Милошоски на министерскиот состанок на Крф на 27 јуни. Атина, како што се истакнува, се уште не одговорила на барањето на Милошоски за тет-а-тет средба, но Бакојани не ја исклучува таквата можност.
Медиумите во контекст на состанокот на Крф информираат и дека по откажаното доаѓање на американскиот државен секретар Хилари Клинтон, Бакојани ќе се сретне со нејзиниот заменик Џејмс Штајнберг, како и со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.