Новак Андесилиќ се надева дека ќе ја докаже вистинитоста на своите тези
Ви звучи ли веројатно дека во Црна Гора постои некој кој е подготвен, парите добиени од продажба на татковото наследство, наместо во стан или луксузен автомобил, да ги вложи во самостоен научен проект? Таков човек веќе 30 години живее во Стариот студентски дом во Подгорица и се вика Новак Андесилиќ. Андесилиќ дошол од околината на Пљевља во Подгорица во 1972 година да студира економија. Факултетот не го завршил, иако е апсолвент од 1985 година. Кон крајот на 80-тите години започнал самостојно да се бави со археологија, тврдејќи дека главниот град на Троја се наоѓал во околината на Туз.
На неговото истражување, Андесилиќ го навел археологот Роберт Салинас Прајс, кој трагаше по Троја кон средината на 80-тите години во долината на Неретва. Андесилиќ тврди дека Прајс бил на погрешна трага. Конфигурацијата на теренот кој го опишал Хомер во својата „Одисеја“, јасно говори дека се работи за предели на територијата на Црна Гора.
Исто така според тврдењето на Андесилиќ, имињата и топонимите во „Илијада“, но во грчката митологија, потекнуваат од словенскиот јазик. Според него, Троја е уништена словенска култура која е темел на сите соседни култури и јазици. Грчкиот бог Херакло е всушност Јераклије, Хектор е Јекатор, додека езерото Скамандер всушност е Скадарското Езеро. Името Наполеон е изведено од „на поли је“, што значи дека Сонцето е на половина или дека е пладне.
Од кога започнал Андесилиќ со своите истражувања, во Црна Гора се случиле големи промени на општествената сцена, а некои од неговите врсници станале најзначајни политичари во земјата. За разлика од нив, Новак никогаш не отстапил од првата карта која ја нацртал, врз основа на стиховите од Илијада. Картата ја објавила белградска „Галаксија“ во 1987 година.
За сите овие години кои ги поминал живеејќи и работејќи во импровизирана соба, воедно и канцеларија, во Стариот студентски дом, Домот го посетиле многу значајни луѓе. Андесилиќ напоменува дека неговите колеги биле и политичари, Рифат Растодер, Предраг Горановиќ и Небојша Радојичиќ.
Новак не стигнал до некои важни позиции во општествената хиерархија. Напротив, живее во Студентскиот дом, а се издржува така што повремено работи на хонорарни работи како работа на рецепција во Новиот студентски дом во Подгорица. Неодамна го погодила уште една неволја. Неговата соба изгорела во пожар заедно со книгите и стручните трудови, па сега се обидува да ја реновира.
Андесилиќ вели дека не сакал да студира археологија, бидејќи како што вели, на факултетот „би го терале да мисли така како што тие ќе го научат“.
Идеите на Андесилиќ во меѓувреме добиле свои поддржувачи. Сепак, за неговиот труд се потребни пари кои тешко може да ги набави, бидејќи неговите проекти не можат да се вклучат во рамките на конвенционалната наука.
Новак Андесилиќ вели дека многу жртвувал за своите идеи: не формирал семејство, често наидувал на потсмев од околината, живее во многу лоши услови. На прашањето на новинарите од „Вијести“ дали сега му е жал што одбрал таков пат, одговара одречно.
Рудникот за јаглен во Пљевља неодамна го зема земјиштето во селото Дурутовиќи кај Плевља. Дел од ова земјиште му припаѓа и на семејството Андесилиќ. Новак Андесилиќ се надева дека рудникот наскоро ќе му исплати износ за оваа земја. Како што изјави, парите ќе ги употреби да го објави својот последен проект во јавноста. Тоа ќе го направи, бидејќи цврсто верува дека сите негови претпоставки на кои им го посветил целиот живот, се вистинити.
(Вијести - Подгорица)