До сега се веруваше дека огромната амазонска џунгла во Јужна Америка е единствениот заштитник на планетата од ефектите на стаклената градина, но најновите сознанија велат дека тоа не е сосема така.
Древните шуми во југоисточна Австралија, во сојузната држава Викторија, содржат толку многу јаглерод, елемент кој е способен од атмосферата да ги апсорбира штетните гасови, па сигурно можат да се сметаат за достојни „соперници“ на амазонските шуми, соопштија научниците од Австралискиот национален универзитет во Канбера, главниот град на Австралија.
Се работи за огромно шумско пространство во кое има најмногу еукалиптуси. Овие шуми содржат 1.900 тони јаглерод по хектар - повеќе од шумите во тропските региони.
- Стеблата во тие шуми можат да доживеат голема старост - најмалку 350 години - и можат да растат многу, многу високо - над 100 метри, објасни професорот Брендан Макај, шеф на научниот тим кој го испитувал квалитетот на шумите.
Тимот на професорот Макај ги испитувал податоците за биомасата во 132 шуми ширум светот, при што најмногу ги интересирало прашањето кои шуми содржат најмногу јаглерод. Резултатите од нивната работа овие денови ги објави Националната академија на науките во САД.
Квалитетот на австралиските шуми се споредува со древните шуми на американскиот пацифички брег, со тајгите во Сибир, џунглите на централна Амазонија, Тајланд, Камбоџа и Венецуела, со шумите во Финска и многу други земји.
- Заклучокот до кој дошле научниците е шокантен, бидејќи досегашното уверување дека тропските шуми содржат најмногу јаглерод мора драстично да се ревидира, изјави професорот Макај.
Шумите во Викторија, од кои потекнува најголемиот дел вода за пиење со кој се снабдува најголемиот австралиски град Мелбурн, поседуваат толку многу големи количества на јаглерод затоа што нивните стебла од секогаш биле заштитени од сечење.
Според Макај, тоа е доказ дека постои јасна врска меѓу сечењето на старите дрвја и глобалното затоплување.
- Овие стебла содржат многу јаглерод од едноставна причина што никој не ги сече, па затоа се долговечни. Невозможно е шумата да содржи толку многу јаглерод ако секои 40 години се сечат старите и се садат нови стебла, уверен е професорот Макај.
Втората причина поради која шумите во Австралија се многу богати со јаглерод лежи во фактот дека ритамот на растот на шумските стебла е следен со соодветниот ритам на хемиското разложување на биомасата.
- При тоа треба да се има предвид фактот дека пријатно свежите шуми во Викторија, се погодни за раст на стеблата во небесните височини, а бавно се разложува биомасата, вели професорот Макај.
Тоа е причината поради која биомасата на јаглеродот на австралиските еукалиптуси изнесува 1.900 тони по хектар - значително повеќе од американските шуми во зоната на умерена клима долж брегот на Пацификот (640 тони по хектар), а уште повеќе од повеќето други шуми, каде тој број изнесува 140 до 250 тони по хектар.
Според професорот Макај, сознанијата до кои дошла неговата истражувачка екипа, ќе им бидат од огромна помош на политичарите и еколозите при изготвувањето на планот за борба против неповолните климатски промени во другите делови на светот.
- Ако ја усвоиме политиката за борбата против климатските промени, која ќе води сметка за факторите на променливоста на вредноста на резервите на јаглеродот во природните шуми, ќе создадеме целосно нов систем на вредности кој ќе ни помогне правилно да управуваме со природното богатство на шумите, изјави Макај.
Според проценката на австралиското Друштво за зачувување на дивата природа, вкупното количество на јаглерод зачувано во шумите во југоисточна Австралија (9,3 милијарди тони) е доволно во текот на следните 100 години да ги апсорбира штетните гасови кои го предизвикуваат ефектот на стаклена градина на Земјата, при што се проценува дека количеството на тие штетни гасови може да биде 460 милиони тони годишно.
- Овој податок доволно покажува колку е неопходно владите на сите земји во светот, сериозно да ја сфатат важноста на резервите на јаглеродот наталожени во шумите кои ни преостанаа на оваа планета, изјави Вирџинија Јанг, координатор на стратешката кампања на австралиското Друштво.