Најновото научно откритие на група меѓународни експерти, кои во Јужниот поларен океан ја истражуваа историјата на Антарктикот, говори за тоа дека денес најстуденото место во светот пред околу 53 милиони години имало блага и суптропска клима. По 57 дена престој на самиот крај на светот, во Хобарт на Тасманија, наместо дупчење на самиот Антарктик, научниците го истражуваа океанот каде можат да дупчат до 1.000 метри длабочина и со тоа да навлезат подлабоко во минатото. Врз основа на 3.000 примероци земени со геолошко дупчење, заклучиле дека климата на Антарктикот драстично се менувала. Научниците очекувале да допрат до минатото 37 милиони години наназад, но со фосилите, камењата и микробите, успеале да допрат до праисторија постара од 50 милиони години. Успеаја да ја прочитаат „историската книга“ на Јужниот пол.
Експертите заклучиле дека Земјата во праисторијата постојано се ладела. Проучувајќи ги геолошките примероци, сакале да утврдат зошто се создал мраз и со промена на климата се менувала замрзнатата кора која прекрива 95 отсто од Антарктикот. Тие заклучиле дека Земјата наеднаш почнала да се лади, па во еден момент било толку студено што почнала да се појавува првата покривка од мраз. Најновото истражување научниците го спровеле на бродот „JOIDES Resolution“ долг 143 метри, кој е сопственост на Здружението на океанографските институции за длабинско дупчење и земање примероци. Од порано се знае дека половите на Земјата ја контролираат нашата глобална клима, каде огромните ледници се однесуваат како своевидни огледала, одбивајќи ја Сончевата енергија и моделирајќи ги светските температури. Појавата, растот и потоа исчезнувањето на глечерите на половите придонесува за промени и на нивото на морињата, но и влијае на океанската циркулација која ја регулира нашата клима, пренесувајќи топлина по планетата.
Наспроти моменталната состојба и најстудените температури на Земјата, ни Арктикот ни Антарктикот не биле секогаш студени и пусти подрачја. Некогаш имало богат растителен и животински свет. Во текот на тој период, познат и како период на стакленик, нивото на атмосферскиот јаглерод диоксид било за 10 пати поголемо од денешното, велат научниците. Потоа наеднаш, бујната вегетација и богатиот животински свет на Антарктикот се промениле во денешно царство под мраз. Зошто и како, тоа треба да се истражува. Во само 400.000 години, во кус геолошки временски период, концентрацијата на атмосферскиот јаглерод диоксид и глобалните температури се намалиле и се појавила замрзната покривка. Антарктикот бил под мраз. Научниците заклучија дека според законот за ентропија т.е. цикличност, се мора да се повтори, значи може да се верува дека климата на половите повторно ќе се промени.
Вилкес Ланд е подрачје на Антарктикот кое е еден од климатски чувствителните региони на поларниот континент, а геолошките примероци собрани во текот на експедицијата во тоа подрачје се единствени бидејќи даваат прв директен запис во светот за растот и појавата на мразот на Антарктикот. Откриени се седименти и микрофосили сочувани внатре во примероците кои го докажуваат почетокот на ладењето и појавата на првите глечери на Антарктикот како и растот и повлекувањето на замрзнатите покривки на Антарктикот. Примери од едно наоѓалиште слични со трите прстени, со наизменични ленти на светли и темни седименти ја откриваат сезонската променливост на последното повлекување на мразот кое почнало пред 10.000 години.
Тоа истражување фрли ново светло на историјата на климата на целата Земја, посебно пружи увид во однесувањето на антарктичките замрзнати покривки, кои имаат важна улога во можноста за изградба на јасни и делотворни климатски модели кои се користат за да се предвиди климата во иднина. Мерењето на параметрите како што се староста, температурата и концентрацијата на јаглен диоксидот, на научниците пружаат драгоцени докази кои помагаат да се зголеми точноста на тие модели.
Научниците сакаат да го продолжат истражувањето. Податоците собрани во текот на оваа експедиција ќе ги дополнат претходните истражувања со операции со дупчење спроведени во други делови на Антарктикот во текот на последните 40 години. Истражувањето ќе овозможи важни ограничувања на староста кај моделите за развојот и еволуцијата на антарктичките глечери и со тоа да се создаде одреден модел на однесување на замрзнатите слоеви во иднина и на поларните климатски промени.
Ќе може да им послужи и како одговор зошто топењето на глечерите на Антарктикот во последните неколку години се одвива со алармантна брзина. Имено, последното истражување на многу научници покажуваат дека брзината на топењето на некои големи глечери се зголемила четири пати во последните десет години, што на некои од најголемите глечери на Јужниот пол се даваат помалку од сто години „живот“, тврдат истражувањата.
Антарктик и неговата иднина имаат големо влијание на судбината на целата човечка цивилизација, бидејќи топењето на мразот на јужната хемисфера може да значи катастрофа за населението дури на југот на Африка, во крајбрежјето на Малдивите или во Австралија, предупредуваат научниците.
Но, тоа што ги возбудува денес е фактот дека на Антарктикот и денес и покрај мразот има многу живот. До сега топлите тропски предели се сметале за пречка која ги раздвојува поларните мечки на Арктикот од пингвините на Антарктикот. Најмалку 235 видови живеат во морињата на двата пола, наспроти нивната меѓусебна оддалеченост од 11.000 километри, се вели во „Попис на животот во морињата“, меѓународен проект со кој податоците за светските океани се собираат на едно место, чии резултати по десет години траење на самиот проект, треба да бидат познати во ноември оваа година. Резултатите од истражувањето, како и откритието дека во студените мориња има живот, доведоа до тоа сега да се постави прашањето од каде стигнале вообичаените поларни животински видови и како завршиле на двата краја на Земјата.
Сето ова е потврдено од најновите научни истражувања дека некогаш на Јужниот пол имало бујна вегетација и животински свет...