Руската компанија „Orbital Technologies“ претстави амбициозен план за градба на „вселенски хотел“ за богати туристи кои сакаат да патуваат во вселената.
Компанијата тврди дека нивната „удобна“ гостинска куќа ќе има четири соби и може да се најде во орбитата до 2016-та година, пренесува руската агенција „RIA Novosti“. Гостите ќе се превезуваат до хотелот со рускиот вселенски брод Soyuz кој се користи за превоз на астронаути до Меѓународната вселенска станица.
Компанијата од Москва, сепак не откри како ќе биде изграден и финансиран хотелот.
Досега вселенските патници, како американскиот бизнисмен Денис Тит, мораа да се теснат во Меѓународната вселенска станица заедно со астронаутите и нивните предмети за експериментирање. Новиот хотел ќе понуди поголема удобност, истакнува Сергеј Коштенко, извршен директор на Orbital Tehniologies.
- Хотелот на туристите ќе им овозможи да имаат поглед кон Земјата, изјави Сегеј.
На почетокот, во хотелот ќе можат да бидат сместени до седум луѓе, а Коштенко не ја откри цената на сместувањето. Меѓутоа, тој изјави дека храната ќе биде прилагодена на индивидуалните желби,а организаторите размислуваат да спремаат храна за туристите пред тие да заминат за вселената.
Руските и американските инвеститори се подготвени да вложат повеќе од стотина милиони долари во проектот. Хотелот во вонредни ситуации, може да послужи и како привремено сместување за астронаутите
Сепак, овој проект не е единствен. Архитекти од Барселона исто така дошле до оваа идеја, да изградат хотел во орбитата, а нивниот проект треба да биде готов до 2012-тата година.