Исхраната богата со зеленчук како што е зелката би можела да ве заштити од рак на мочниот меур, соопшти новозеландскиот научник Рекс Мундеј.
Испитувањата направени врз животни покажале дека екстрактот од млада брокула го намалува ризикот од рак на мочниот меур за 50 отсто.
Научниците од институтот за тумори Росвел Парк и универзитетот Џонс Хопкинс од САД работеле на проектот заедно со новозеландскиот универзитет Масеј и компанијата „Crop&Food Research“.
Резултатите од истражувањето ја поткрепија една постара студија која покажала дека кај стаорците кои се хранат со зеленчук од родот зелка (сите видови на зелка, кељ, брокула, бриселско зелје, карфиол и сл.) е забележан пораст на ензимите кои штитат од хемикалијата која може да предизвика рак.
„Најголемо влијание е забележан кај ракот на мочниот меур, што покажало дека зеленчукот штити од тој вид на рак“, вели Мундеј.
Овие резултати се во согласност со епидемиолошките студии кои покажеле дека луѓето кои консумираат повеќе зеленчук имаат помал ризик од рак на мочниот меур во споредба со оние кои јадат мала количина од тој зеленчук.
{Д.Т}