Британските научници за првпат во светот успеаја да создадат сперма во лабораторија.
Новиот пробив во областа на матичните клетки ќе им овозможи на неплодните мажи да станат татковци. Децата кои ќе бидат вештачки зачнати во клиниките за фертилизација ќе го носат генетскиот материјал на таткото, а сето тоа благодарение на спермата која лабораториски е создадена од кожата на мажот.
Сепак новото научно достигнување покрена бројни прашања за етичноста на процедурата и идната примена на методата, која би требала да стане достапна за пет години. Научните кругови почнаа да дебатираат дали новата процедура ќе ги направи мажите излишни во зачнувањето на нов живот, дали ова ќе значи почеток на ерата во која децата ќе бидат целосно вештачки направени. Дебатите одат дури до таму што научниците почнуваат да дискутираат дека оваа метода може да биде употребена за „создавање“ дете од веќе одамна починат маж.
Матичните клетки можат да се претворат во било која клетка од телото и на тој начин да се искористат како замена за оштетеното ткиво или коска.
Автор на студијата, професор Карим Најерниа од универзитетот од Њукасл заедно со North-East England Stem Cell институтот успеал матични клетки, изложени на клетки од сперма и хемикалии да ги развие во клетки на сперматозоиди.
Самата студија беше проследена со бројни контроверзии, а како најголема се истакнува фактот дека матичните клетки се земени од човечки ембрион стар неколку дена.
- Ова може да ни помогне при изнаоѓање на нови начини како да им помогнеме на двојките кои имаат проблем со зачнување деца. Со новата метода тие ќе добијат дете кое и генетски ќе биде нивно. Јасно ни е дека некои луѓе се загрижени, но ова откритие не е чекор кон лабораториско производство на луѓе. Ние навистина немаме таква цел, вели проф. Најерниа, кој заедно со својот тим создаде глушец откако претходно од матични клетки создаде сперма од истиот вид на глодар.