Чудесниот лек кој веќе го нарекоа еликсир на младоста може да го продолжи животниот век за десет години, а е дело на научниците кои го направија од хемикалија пронајдена на Велигденските острови, едно од најоддалечените и најтаинствените места на планетата.
Во тестирањето на лекот учествувале животни на кои им бил продолжен животниот век за неверојатни 38 отсто. Научниците кои сè уште лекот не го тестирале кај луѓето веруваат дека ова е отворање на вратата за првата генерација лекови кои ќе можат да го продолжат животот на човекот.
Лекот кој се вика rapamycin и има некои состојки слични како новиот лек веќе се користи за подигнување на имунитетот кај пациентите со трансплантирани органи, како и кај срцевите операциите, а моментално докторите ги тестираат неговите антиканцорогени својства.
- Веќе 35 години се занимавам со истражување на процесот на стареење. Во последнава деценија излегоа неколку лекови кои требаше да го забават стареењето, но сите тие се покажаа како неуспешни. Никогаш не помислив дека додека сум жив ќе се пронајде лек кој ќе го зголеми животниот век, изјави др. Арлан Ричардсон, кој го води овој проект на универзитетот во Тексас.
Научниците веруваат дека сигурен лек за продолжување на животот може да се произведе во рок од десет години. Тој ќе може да го користат луѓето но сепак не е познато како „светиот грал“ ќе делува врз организмот. Дали тоа ќе значи дека луѓето кои лесно ќе може да ја доживеат стотката ќе имаат добро здравје, или пак лекот само ќе им го продолжи животот отежнат со болести.
Rapamycin е откриен на Велигденските острови околу седумдесеттите години и се произведува од микроби кои живеат на тамошното тло. Во сегашен облик тој е многу опасен за да се користи како лек против стареење, а се верува дека понатамошните истражувања ќе ги намалат штетните работи.