Американската Национална воздухопловно-вселенска администрација - НАСА има намера да го врати на Земјата најстариот сателит што човештвото во мигов сè уште го има во Вселената. Се работи за „Вангард 1“ (Vanguard 1), инаку лансиран на 17 март 1958 година, а ѝ припаѓа на американската морнарица.

Тоа, воедно, е и вториот успешно лансиран американски сателит, по „Експлорер 1“ (Explorer 1), а е првиот сателит што користел Сончеви ќелии. „Вангард 1“ е лансиран и по советскиот сателит „Спутник 1“, што СССР го постави во Земјината Орбита во октомври 1957 година. Со оглед на дотогашните неуспеси на САД, „Вангард 1“ е значајна технолошка пресвртница за Американците. Мисијата придонесе за проучување на обликот и атмосферската густина на Земјата. А, и денес, овој сателит продолжува да дава податоци за долгорочната орбитална динамика.
И покрај проблемите што се јавиле во 1964 година со Сончевите ќелии, „Вангард 1“ сè уште може да се следи. Орбитира околу Земјата по елипсовидна патека, на надморска височина што се движи меѓу 660 и 3.922 километри, со наклон од 34,25 степени.
Но, денес, одреден број инженери, како и историчари, предлагаат проверки и можно враќање на американскиот сателит од Вселената. Таквиот концепт е претставен на Научно-технолошката конференција на Американскиот институт за аеронаутика и астронаутика. Научниците веруваат дека враќањето на сателитот ќе овозможи испитување на неговите материјали - трупот, панелите, батериите и оштетувањата на површината предизвикани од микрометеорити и други остатоци. Ова, се вели, ќе обезбеди увид во долгорочното изложување на вселенската средина.
Сателитот има дијаметар од 15 сантиметри и тежок е 1,46 килограми, па затоа е потребна многу прецизна работа. Предлозите вклучуваат снимање на неговата сегашна состојба и насочување кон Меѓународната вселенска станица, или постепено спуштање на планетата Земја.
Поморската истражувачка лабораторија, којашто го разви сателитот, го поддржува овој потфат, со свој научен труд. Враќањето на сателитот може да придонесе за науката и да го унапреди дизајнот за идните вселенски летала. Според историчарите, пак, тоа би значело зачувување важен артефакт од раното истражување на Вселената - за јавно прикажување, изложни и истражувања.