Дискографската куќа „Warner Music“ му нареди на „You Tube“ да ги избрише сите музички спотови од нивните ексклузивци, откако пропадна договорот помеѓу компанијата и најпознатиот интернет сервис за објавување на видео материјали.
Ако забраната стапи на сила, тогаш „You Tube“ ќе треба да тргне илјадници видео записи кои ги изведуваат музичари од „Warner Music“.
Преговорите пропаднаа кога дискографската куќа објави дека сака за себе поголем дел од високиот приход што го остварува видео сервисот. Сепак не е познато колкава сума на пари барале „Warner Music“.
- Едноставно не можеме да одговориме на барањата кои ги поставуваат нашите уметници, изведувачи, текстописци и музичари. Тие не го добиваат праведно заслужениот надоместок, пишува во официјалниот допис од дискографската куќа.
Според некои статистики, „You Tube“ месецов има повеќе од 100 милиони посетители само од САД.
„Warner Music“ под кој спаѓаат Red Hot Chilli Peppers, Madonna, R.E.M, Green Day, Eric Clapton, Missy Eliot, Muse, Rob Thomas, My Chemical Romance и др. беше меѓу првите музички куќи што преговараа со најпознатиот интернет сервис за објавување на видео материјали, но две години разговорите стојат во место.
Дискографските куќи обично добиваат пари за секој објавен видео материјал во кој учествуваат нивните изведувачи, односно пари за секое прикажување на спот. Плаќањето по прикажување на музичко видео би значело голем одлив на пари од интернет сервисот. Внатрешните извори од „Warner Music“ тврдат дека сега дискографската куќа добива многу малку пари од „You Tube“.
Интернет сајтот сеуште нема дадено службена изјава.