МЛАД ПИСАТЕЛ СО 9 ОБЈАВЕНИ КНИГИ

Стефан Марковски – човек на перото

Стефан Марковски е 26-годишен современ македонски писател, потписник на 9 објавени прозни, поетски и есеистички книги во земјава и странство.

Марковски е еден од познатите македонски литерати од најновата генерација, добитник на повеќе книжевни награди и признанија.

Првата книжевна награда ја освоил во 2008-ма за расказ на конкурс за студенти и средношколци распишан од МАНУ.

За својот прв роман „Еднонасочно“ во 2009-та година ја добил наградата „Петре М. Андреевски“, за подоцна неговото творештво да се закити со наградите: „Бели мугри“ за поетска книга од автор до 35-годишна возраст, „Македонска книжевна авангарда“ за збирка раскази, Гран При на поетскиот фестивал „Литературни искри“, признанието на општина Гевгелија „7 Ноември“, селекциска награда на Фондацијата „Македоника“ и УНЕСКО за македонски автори до 30 години, како и повеќе награди за есеи.



Очигледно е дека штом фатил „перо“ во рака, поетот не можел да престане со пишување.

Успеавме да го пронајдеме заглавен пред екранот како работи на новиот роман насловен „Еретички писма“ и поразговаравме за тоа каков е неговиот живот како млад писател.

Како се гледате себеси?

- Концентриран посегнувач по незапишаните вистини. Креативно насочен уживател на неповторливата естетичност на мигот. Редовен минувач по мостот-спојувач на бреговите наречени Оптимизам и Реализам.

Автор сте на многубројни дела кои сте ги напишале за мошне брзо време. Од каде ја црпите инспирацијата?

- Половина од процесот на уметничко создавање е во тоа да се натераш на тоа. Другата – кога веќе си почнал, свесно да го канализираш и технички подобриш до некое, условно кажано, задоволително ниво. Ако под „инспирација“ обично подразбираме моментален, привремен импулс или „нагон“ за пишување, тогаш таа секако не е клучна за долгорочниот опстанок како писател или уметник. Мислам дека мошне поважна од инспирацијата во книжевното творештво е дисциплината и умешноста да се придржуваме до навидум баналните, а всушност, круцијални ритуали кои подразбираат секојдневна уметничка креација.

Конкретните творечки поттици и мотиви, пак, ги наоѓам во балансот меѓу реални настани (осведочени, преприкажани) и личната потреба за „креативна игра“ со цел да бидат „литерабилни“ и прикладно окнижевени.

На што работите моментално?

- Во една неодамнешна прилика спомнав дека по пауза од осум години, конечно работам на вториот роман со работен наслов „Еретички писма“. Постепено и внимателно навлегувајќи во заплетот сплетен околу субјективитетот на главниот лик Максимилијан, радосно здивнувам плетејќи ја структурата која, иако фундаментално контрастирајќи, на одреден начин налик на првиот роман „Еднонасочно“, е предодредена да резултира со нетрпеливо очекуваниот, експлозивен читателски „аха“ момент.

Истовремено, во слободно време стихотворам, споделувајќи ги стиховите со моите пријатели и оние кои ме читаат.



Како го замислувате вашиот идеален читател? Дали е маж или жена?

- Ако уметничката литература е (ин)кохерентен систем од симболи (наместо едноставни знаци, како што е случај со многубројни постмодернисти, особено во „сајбер-книжевноста“), тогаш идеален е оној читател кој успева да продре во длабочината на авторскиот код и израз, не само да ги „чита“, туку „преведува“ и „препејува“ на сопствен „(мета)јазик“ овие збиени симболи.

Оној кој смета дека пишувањето е лесно, не може да биде наречен човек на перото. Оној кој е убеден дека нестилизираното расфрлање со зборови насочено кон целна публика може да се нарече литература, попрво би можел да биде наречен книжевен шарлатан одошто писател.

Сметам дека ваквиот (авто)комуникативен, постмодерен метасимболизам насочен меѓу делото и читателот во кој зад постоењето на секој збор стои доволно силна причина е своевидна реформа која би можела на книжевноста во светски рамки да и’ помогне самата да се извлече од амбисот на некритичката, мрзлива читателска маса во потрага единствено по плитки, себезадоволувачки, кратки текстови кои не ги заморуваат ниту очите.

Дали некогаш ви се случило во текот на ноќта да добиете некоја идеја или мисла и истата да станете да ја запишете?

- Креативните сновиденија се уникатно насочен творечки израз и ненадоместлива штета за еден уметник е доколку за навек бидат голтнати од маглата на јавето, толку презрено и подложно на пресозданија од самите уметници.

Во последно време ваквите сновиденија ми стануваат сѐ почест импулс.

Која критика повеќе ве погодува – позитивната или негативната?

- Со оглед на фактичкото непостоење етаблирана, силна и објективно-тежнеечка книжевна критика, но и воопшто, книжевна сцена во Македонија, имајќи го предвид моето лично гледиште и себепронаоѓањето на сопственото дело, се обидувам оптимистичноста да ја оддржувам за нијанса на повисоко ниво од воздржаноста.

Од друга страна, останувам убеден дека конструктивната „негативна“ критика поседува генерално повисок потенцијал за подобрување, како во книжевноста, така и во севкупната уметност.

Што читате во моментот?

Вниманието, кое ми е распнато помеѓу поголем број книги, меѓу кои: „Новели“ од Пирандело, „Воденицата на Флоса“ од Елиот, „Темен воздух“ од Мандељштам, „Вавилон повторно посетен“ од Скот Фицџералд, „Вештачките раеви“ од Бодлер, како и неколку критичко-есеистички дела, се обидувам да го насочам сѐ повеќе кон стручните четива поврзани со драматургијата, неопходни за моите постдипломски студии по Сценарио.

Иако недоволно, се трудам да најдам време да ги следам и посовремените текови во македонската и светската книжевност.
 


Кои ви се омилени автори од македонската, а кои од странската литература?


- Ќе дадам можеби не така интересен одговор, потенцирајќи дека во обата случаи, класиците се оние кои навистина најмногу ми го преокупираат вниманието. Кај нас тоа би биле Конески, С. Јаневски, Р. Павловски, А. Поповски, Рацин... додека пак, во светската: По, Бодлер, Маларме, Гогољ, Нервал, Џојс, Бирс, Стивенсон, Борхес, Фокнер, Ман, Музил, Хармс, Булгаков, Набоков, Калвино, Еко, Керуак, Ружди, Пелевин, Зискинд и тн.

Дали вашите книги имаат некоја поврзаност со вашиот живот, со сеќавања, настани, случки? Дали всушност може нешто да откриеме за вас од она што го пишувате?

- Сметам дека книжевноста подразбира субјективно структурирање на меморискиот мозаик од перцепции, мисли и чувства.

Понекогаш ваквото структурирање го правиме свесно, некогаш полусвесно, а некогаш, како што рекол Кокто, поетот бидува лажго кој секогаш ја кажува вистината.

Игриво обликувајќи ги своите светови, верувам дека секој автор повеќе или помалку посегнува кон некаква промена на животот, промена на опкружувачкиот свет која би ја (до)дефинирала смислата на сопствената егзистенција.

Досега имате добиено многу награди. Која е онаа награда по која чезнеете?

- Таква која би им овозможила на трудољубивите автори целосно и ултимативно посветени на сопствено префинување и еволуција, да ја гледаат книжевноста не само како ареал за творечки израз, туку и извор на егзистенција. Ако не постои таква, ќе мора да ја создадеме.


И.Витановска



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Учителката во школо видела неколку деца како прават фаци додека си играат, па ги предупредува:
- Деца, кога бевме мали нас н&ицирц; учеа дека кој прави грди фаци ќе остане таков...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1562. - Во Мадрид е роден Феликс Лопе де Вега,...
1758.- Британците го окупираа Сенегал.
1763.- Умре францускиот писател Прево, познат по...
1783.- Последните британски војници го напуштија...