50 години
„Вкусот на праските“

Време за поинакво чествување

2015 година македонската книжевност уште со време, на почетокот од годинава, треба да си ја „запише“ и „зададе“ како време за чествување на романот „Вкусот на праските“ на Влада Урошевиќ. Затоа што овој роман од првичното објавување во 1965, цели педесет години наизменично се отфрла, се сака или засакува, антиципира книжевни крвотоци што ќе црвенеат низ артериите на националната книжевност децении подоцна, постои како „откритие“ што секоја книжевна генерација ќе го пронаоѓа одделно и засебно, како некогашен таен и дребен остров кој денес станал сигурно копно за „загубените“, експериментални и авангардни книжевни морепловци.



Слободан Мицковиќ (1965): „’Вкусот на праските’ не донесува нов тематски тек кој ќе може да биде заразна преокупација на нашата литература, да се шири од книга во книга, од автор до автор. Тоа е едно сосема особено дело кое никој нема да се обиде да го следи – зашто, рековме, зад него не стои само еден литературен потфат туку едно своевидно, целосно сфаќање на литературата.“
Георги Старделов (1965): „Иако ‘Вкусот на праските’ е дело кое прво во нашата литература носи еден вид метафизички проблеми во прозен облик, сепак, тоа е пред сѐ литература и тоа токму оној вид литература кој токму со својата литературност обзема и понесува, зашто е пишувано артистички прегнантно, метафорички богато и сугестивно во експресијата на кажувањето. (...) Меѓутоа, парцијалноста, нецеловитоста, фрагментарноста, неконсеквентноста, недореченоста итн. кои лебдат над познавањата што за животот и светот ги донесува ‘Вкусот на праските’ го довело Влада Урошевиќ до екстремни заклучоци. (...)“.
Венко Андоновски (1998): „Во романот ‘Вкусот на праските’ отсуствува сижето, за сметка на поетското, кое се користи како средство со кое се укинува времето и се уништува дејствието, што ја промовира тенденцијата за колажирање (а со тоа и го навестува постомодернизмот!)“.
Лидија Капушевска-Дракулевска (2004): „’Вкусот на праските’ го антиципира оној модел на ‘арс комбинаторички’ прозен дискурс кај нас, кој својата вистинска афирмација ќе ја доживее две децении подоцна, во рамките на постмодернистичката ориентација.“

Книжевните чествувања во националната книжевност од поодамна требаше да пронајдат и да зададат нова форма, во духот на времето што го споделуваат нашите стежнати секојдневија. Не промотивна, не јубилејна, роденденска, наменска и стереотипна форма која веќе предолго „во мрак нѐ обвива“... Институционалното или индивидуалото истражување/проучување при кое неспорно се наидува на „Вкусот на праските“, никогаш нема да бидат демодирани како постапка/практика, но, од друга страна, чествувањето, исто така неспорно, треба да внесе повеќе креација, повеќе „проста и строга“ македонска, творечка форма на почит, особено кај автори и дела од форматот и провениенцијата на Влада Урошевиќ и „Вкусот на праските“. Најдобар одговор на вакви книжевни состојби и мигови може да даде или „ново читање“ или „ново (ис)пишување“. Бидејќи, во конкретниов случај, „новото читање“ на романот на Влада Урошевиќ веќе е направено (од Милан Ѓурчинов и текстот на Венко Андоновски во „Стожер“,.. преку повеќето подоцнежни текстови и од други автори), ни останува „новото (ис)пишување“ како една од можните, соодветни и примерени форми на почит во 21 век. Друштвото на писателите, Институтот за македонска литература, Министерството за култура, Македонската академија на науките и уметностите, дури, би можеле ваквите јубилеи, родендени и значајни мигови од книжевната и културната историја да ги одбележуваат со нарачка или уште подобро, со конкурс за „римејк“/пренапишување на „Вкусот на праските“, на пример... Бездруго, ваква иницијатива може да се роди и индивидуално творечки, но за да се поттикне и да се осигура реализацијата во определен рок, најсигурен начин е тоа да го „сработи“ институција. Во контекстов совршено одговара парафраза од една од првите критики за „Вкусот на праските“ од Слободан Мицковиќ од 1965: „Ако полемизираме со оваа проза (под „проза“ сфатете што сакате!) би дошле во ситуација да дозволиме една баналност – да ја обвинуваме ластовицата за сето она што ѝ недостига за да биде врапче.“ Едно е сигурно и несомнено, поетскиот роман „Вкусот на праските“ е ластовицата во современата книжевност веќе 50 години, ластовицата која тогаш била обвинета што не е врапче, а денес се смета за предвесничка на повеќе книжевни пролети одеднаш!

Игра што долго се игра

Специјален гостин на ова текстуално чествување на 50-те години на „Вкусот на праските“ е академик Влада Урошевиќ.

За овие 50 години, му се оддолжи ли критиката на „Вкусот на праските“? Што е исто, што различно? Што болело - па зецелило, што зацелено - почнало пак да боли?

Тоа беше 1965 и работите во односот литература-идеологија сѐ уште не беа расчистени. На скалата на вреднувањата врвно место заземаше романот „со тематика од НОБ и Револуцијата“. Да се пишува подолга проза за нешто што не се однесува директно на поновата историја беше дури бласфемично. Погледнете ги само насловите на романите објавени тие години и сѐ ќе ви стане јасно...

Во тој книжевен контекст, вашиот модернизам не бил баш знаме за веење?

Мојот модернизам или естетизам беше црвена шамија пред очите на оние што се залагаа за реализам како идеолошка категорија. Оттаму добив неколку крајно негативни критики. Од друга страна, пак, писателите од мојата генерација беа обземени од други идеи, мошне различни од моите, така што никој од нив не ме поддржа – некои се направија дека не го читале романот, други, пак, ми кажаа, усно, дека не им се допаѓа. И моите пријатели од „Разгледи“ како да беа подисплашени од мојата „безидејност“. „Вкусот на праските“ се најде во еден безвоздушен простор.

Колку години требаше да почекаат и авторот и романот?

Требаше да се почека дваесетина години да дојде првото позитивно вреднување – во „Историјата на поновата македонска книжевност“ на Милан Ѓурчинов. Потоа, уште дваесетина години требаше за да дојде текстот на Венко Андоновски, кој ги откри елементите на постмодернизмот во мојот роман. Како што гледате, оваа игра долго се игра, според Васко Попа.

Сето тоа време допираше ли гласот на читателите до вас?

Секако, за сето тоа време добивав писма на непознати читатели, кои ми зборуваа за она што за нив претставувала книгата. Немам големи причини за незадоволство. Наместо брз и минлив успех, имав една извонредна сатисфакција во појавувањето на новите генерации за кои и беше напишано делото. И денес многу млади луѓе од книжевните кругови, родени доста години по излегувањето на романот, често ми зборуваат за тоа што им значела во младоста првата средба со оваа моја книга.

Што му можат половина век и едно сосем променето Скопје на уметничко дело од типот на „Вкусот на праските“ каде што и онака просторот и времето во него се отворени, паралелно опстојуваат конкретните географски точки и имагинарните топоси, каде што прозата ја шмука сласта на поетската овошка... во долги редови, лепливи страници и совршено римувани голтки?

Секако дека околу нас нештата се менуваат, често и со брзина, која не му одговара на нашиот вкус. Прашање е колку едно дело може да им се противстави на овие промени, кои никогаш не се безболни. Но, станува збор, сепак, за две слики – онаа на реалноста и онаа што е создадена во литературата. Ако во почетокот тие биле поблиски, со текот на времето, тие нормално се оддалечуваат. На крајот таа осамостоена слика продолжува да живее без да ја бара потпирката и поддршката на сликата во реалноста. Ако на читателот таа му помага да ги открие слоевите кои веќе не се видливи, можеме да бидеме сосема задоволни. Мојата проза ги содржи, се надевам, обележјата што ги носел овој наш град во времињата кога е настаната. Јас не пишувам за некаков апстрактен простор и апстрактно време, често – поаѓам од мошне конкретни сетилни дразби и во нивното пренесување на хартија се трудам да бидам колку што е можно поконкретен и попрецизен. Насловот на романот сака да го потцрта токму тоа, да покаже колку тие миговни доживувања го допираат самото јадро на смислата што го носи нашето живеење.



Што мислите за „оживувања“, „пренапишувања“ на значајни дела од книжевната историја? Можен ли е генерациски творечки трансфер на дело од едно време во негов „римејк“,пренапишување во друго време? Како би реагирале да се појави нов роман „Вкусот на праските“ во чест на 50-годишнината од вашиот прозен првенец (со или без варијација на насловот, со или без варијација на фабулата, со некој нов „земјотрес“, со некои нови Олга, Драган,Зоран)? Верувате ли во вакви творечки чествувања на значајни наслови? Дали е тоа кредит за отплаќање пред матичната литература или повеќе е влог во нејзиниот достоинствен континуитет?

Пред десетина години еден млад романсиер ми кажа колку би било возбудливо да се напише еден „римејк“ на „Мојата роднина Емилија“, во едно ново Скопје и за една нова Емилија. Се разбира, го оставам тоа да го направи некој друг. Навраќањето кон литературните дела од своја, но и од други средини ваквите оживувања ги претвора во своевидна свест за континуитетот и за постоењето на другите слоеви кои му претходеле на она што сега било напишано. Можеме да надопишуваме врз палимпсестот на веќе испишаните страници, но можеме да свртиме и сосема нов лист. Прашањето на изборот лежи во самата природа на литературата – но, во секој случај таа мора да ја има способноста да открива нешто ново дури и во истите рамки.

О. Ќорвезироска



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Во лудница оди комисија да ги провери лудаците кој како се понаша и одат од еден до друг, некој се замислува дека е авион, друг скока во празен базен и така натаму. Доаѓаат до...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1751.- Роден е англискиот писател и политичар од...
1762.- Роден е францускиот писател Андре де...
1830.- Умре српскиот писател Петар I Петровиќ...
1839.- Роден е францускиот сликар од англиско...