11 септември 1683 година
Градот Рим е во неизвесност. Граѓаните чекаат информации за исходот од битката кај Виена, во која Отоманската Империја е пред портите на католичка Европа.
Во меѓувреме, една римска гостилница е ставена под карантин поради сомнително ширење на чума. Меѓу заробениците е и мистериозниот Ато Мелани, шпион што му служи на францускиот крал. Со помош на едно момче, тој открива скришен премин што води до мрежа тунели под градот. Нивните ноќни талкања во римското подземје ќе ги одведат до изненадувачки откритија во однос на смртоносното непријателство меѓу папата Инокентиј XI и Луј XIV и до таен заговор за користење оружје за масовно уништување во битката меѓу исламот и Западот.
Со темелно истражување и со брилијантна замисла, „Имприматур“ содржи воодушевувачки откритија, кои биле криени со векови. Ова е вџашувачки трилер што фрла нова светлина на судирот на силите во Европа од XVII век, чии последици се чувствуваат до денес.
Кога била првпат објавена во Италија во 2002 година, книгата предизвикала огромен број контроверзии, била бојкотирана од италијанските медиуми и од сите издавачки куќи. Сепак, романот станал европски бестселер, преведен на 20 јазици и објавен во 45 држави. Досега се продадени повеќе од милион примероци.
„Имприматур“ е од неодамна достапен и на македонски јазик, во издание на издавачката куќа „Антолог“. Уште повеќе, македонската читателска публика ќе има ексклузивна можност одблиску да ги запознае авторите уште овој петок, 25 ноември, со почеток во 20 часот, кога ќе биде одржана промоцијата на книгата со присуство на самите автори – Рита Моналди и Франческо Сорти.
ИДИВИДИ во соработка со издавачката куќа „Антолог“ ќе доделат примерок од романот „Имприматур“ од Моналди и Сорти на еден од вас по случаен избор.
Сè што треба да направите е во коментар на овој линк, кој е споделен на нашиот официјален Facebook профил, да го тагнете оној кому би му ја подариле оваа книга доколку ја освоите, а воедно и јавно да ја споделите оваа вест. Добитникот ќе биде објавен во петок на 25 ноември, а книгата – со потпис од авторите – ќе може да ја подигне на самата промоција.