Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје со огромно задоволство го најавува третото издание на Фестивалот на европската литература „BookStar“ / „Книжевни ѕвезди“, кој ќе се одржи од 25 октомври до 5 ноември 2017 година.
Под слоганот „Читај бе, братучед, читај!“, Фестивалот оваа година има цел да ја одврати книжевноста од маргините на македонската културна сцена, да ги претстави квалитетните домашни и странски современи писатели што пишуваат за културолошките феномени на нашето време, како и да ја поврзе книжевноста со другите уметности.
Пред домашната публика ќе бидат претставени четворица писатели од самиот книжевен врв на Европа, двајца докажани македонски писатели од помладата генерација, антологија на бунтовната поезија од европски автори, книжевна трибина, саем на европски книги и филмски проекции.
И оваа година организаторите на фестивалот ќе се обидат да ги продлабочат соработката и двонасочната културна размена меѓу Македонија и Европа на најубавиот начин – преку уметноста на зборот.
Без патетика, туку со суштина и естетика, на фестивалот „Букстар“ ќе бидат претставени специјално за македонските читатели: генијот на стилот Илја Леонард Фајфер, саркастичната писателка Јела Кречич Жижек, двајцата скандинавски мајстори на трилерите Хокан Несер и Јуси Адлер-Олсен, како и Македонците Снежана Стојчевска и Игор Станојоски.
Фестивалскиот слоган е инспириран од култниот филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски, чии филмови ќе бидат проектирани како дел од програмата на фестивалот.
– Адаптацијата на филмската реплика „Пукај бе, братучед, пукај!“ од легендарниот филм „Пред дождот“ во „Читај бе, братучед, читај!“ е со цел повторно да се реактуелизираат пишаниот збор (испукан како од пушка) и неговата моќ, која во денешен контекст, за жал, стана забајатена, избледена и испатетизирана. Идејата на фестивалот „BookStar 2017“ е да ја вметне книжевноста во културниот џагор во нашата земја и да ја оттргне од уметничките маргини во кои таа се наоѓа. Оттаму, книжевноста решивме да ја претставиме преку сугестивни и асоцијативни мисли од македонската уметност, а читањето да го промовираме и преку герила-акции, кои беа на програмата уште на минатогодишното издание на Фестивалот. Оваа година ударни книжевни жанрови одлучивме да бидат постмодерната фикција и трилерот бидејќи за разигрување на нашето мрачно секојдневје е потребна мала, но прецизно избрана доза возбуда и поинаква реалност. „Пукај бе, братучед, пукај!“ е реченица што стана дел од јавниот дискурс, па поради тоа со оваа адаптација сметаме дека нашата порака ќе допре до народот – велат организаторите.
Дизајнот на официјалниот фестивалски постер е на Игор Делов.
Книжевни промоции
Како и секоја година така и оваа, десетдневната фестивалска програма е симбиоза на книжевни настани за сечиј вкус. Секако, повторно во фокусот се гостувањата на авторите и промоциите на нивните дела, кои ќе се одржат во Клуб ресторанот МКЦ со почеток во 20 часот.
„BookStar 2017“ ќе биде отворен на 25 октомври со промоцијата на романот „La Superba“, ремек-делото на еден од најоткачените и најважните европски писатели, Холанѓанецот Илја Леонард Фајфер, наречен „стилски гениј“. Овој наградуван роман на Фајфер е објавен во 2013 година и ги опфаќа темите како емиграцијата, државните системи, родовите идентитети и поетиката на градот. Романот ги добил наградите „Либрис“, најпрестижната литературна награда во Холандија, и „Цум“, наградата „за најубава реченица напишана на холандски јазик“.
Следниот фестивалски ден е посветен на македонската поезија. На 26 октомври ќе биде промовиран најновиот поетски ракопис на македонската поетеса Снежана Стојчевска – „Треба да е лесно“. Станува збор за четвртата поетска книга на оваа македонска поетеса.
Една од омилените книги на нашите читатели, романтичната комедија „Нема друга“ од сопругата на највлијателниот словенечки философ Славој Жижек, Јела Кречич, ќе биде промовирана на 28 октомври. Со оваа книга Кречич создала метафора на љубовта во време на врските за една вечер, но и урнек на прикриен шовинист типичен за новиот милениум, кој ни го ставила на тацна.
На 31 октомври ќе биде промовиран интернационалниот бестселер „Во окото на свеста“ од шведскиот писател Хокан Несер, чии книги се преведени на повеќе од 30 јазици и се продадени во над 20 милиони примероци. Овој роман е првиот од серијалот крими-трилери со ликот на Ван Ветерен, еден од најоригиналните ликови во скандинавската литература.
Романот „Жената во кафезот“ од Јуси Адлер-Олсен, дански автор број 1, чии книги се преведени на 40 јазици и котираат на најголемите бестселер-листи во светот, меѓу кои и на „Њујорк тајмс“, ќе биде промовиран на 2 ноември. Веднаш по објавувањето, ова дело се искачило на првото место на топ-листите и се задржало на врвот на бестселери цела година, а наскоро „доживеало“ и филмска адаптација.
Следниот фестивалски настан повторно е посветен на македонската литература, овој пат со промоцијата на романот „Диссомнии“ од Игор Станојоски, која ќе се одржи на 4 ноември.
Финалето на фестивалот, традиционално, е промоција на антологија на европската литература, приредена од соработниците и пријателите на „Антолог“. Оваа година станува збор за антологијата на бунтовна поезија од омилените европски автори, во која 30-ина писатели и јавни личности ги одбраа своите омилени песни на автори од Европа на теми како: бунт, револуција, револт, отпор. Промоцијата, која претставува и завршен настан на фестивалот, ќе се одржи на 5 ноември, со специјален настап на бендот „PMG колектив“.
Трибина
На 30 октомври во 20 часот во Кино Култура ќе се одржи трибината „Hold Me, Thrill Me, Kiss Me, Kill Me“ на тема „ограничувањата и предностите на жанровската литература“, на која ќе учествуваат гостинот од Шведска Хокан Несер, како и македонските писатели и научни проследувачи на литературата Влада Урошевиќ, Калина Малеска и Елизабета Шелева. Модератор на трибината ќе биде Владимир Јанковски.
Филмска програма
Во рамките на филмската програма, ќе биде прикажан избор од опусот на Милчо Манчевски, како и едно изненадување. Овој настан ќе се одржи исто така на 30 октомври, со почеток во 21 часот, во Кино Култура.
„На кафе со...“ и други активности
Како и минатите години, сите домашни и странски автори ќе им бидат достапни на читателите на програмската активност „На кафе со...“, кога ќе можат да врзат опуштен муабет со најголемите ѕвезди на европската литература. Овие настани ќе се одвиваат во новоотворената книжарница на „Антолог“, на ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 31.
Влезот на сите фестивалски настани е бесплатен, а вратите се отворени за сите читатели, сапиосексуалци и оние што се чувствуваат така. За време на „BookStar“, сите наслови од авторите учесници на Фестивалот во книжарниците на „Антолог“ ќе се продаваат по саемски цени.