Едно семејство од Њу Џерси може да се смета за среќно што не било во својот дом кога метеор го урнал покривот и завршил во една од собите.
Според соопштението објавено од полицискиот оддел на Хоупвел, „метален предмет за кој се верува дека е метеорит“ удрил во покривот на домот, поминал низ него и таванот и завршил на подот од куќата.
-Му благодарам на Бога што татко ми не беше тука, никој не беше тука, не бевме повредени, вели Сузи Коп инаку сопственичка на домот.
Таа вели дека кога ја нашла карпата, прво мислела дека некој намерно ја фрлил, но откако видела дека истата е мошне топла, сфатила дека станува збор за нешто сосема друго.
По анализата на карпата се верува дека истата е дел од тековниот метеорски дожд наречен Eta Aquariids, настан поврзан со Халеевата комета што е видлив од средината на април до крајот на мај и вообичаено е најинтензивен околу 5ти мај.