Снегот пристигна, а температурите ќе останат ниски уште некое време. Но, тоа не значи дека не може да се „размрдате“ со неколку забавни и корисни активности со кои ќе го направите вашиот дом почист и поодржлив. Додека времето е ладно и забавните активности се сведени на минимум, Пакомак ве повикува да го послушате нивниот совет, да се загреете и да се активирате со неколку забавни еко-пријателски активности за чистење на домот.

Зимата е вистинското време да се фокусирате на домот и да поминете малку повеќе време средувајќи го и правејќи од него сопствено удобно катче каде ќе се чувствувате задоволни и среќни. Оваа зима, обидете се тоа да го направите придржувајќи се до еко практики кои се добри за вас и за вашиот дом, но имаат и позитивен ефект на околината и животната средина.
Традиционалните производи за чистење најчесто содржат хемикалии кои можат да предизвикаат респираторни проблеми и иритација на кожата. Одржливите, природни средства за чистење, од друга страна, се побезбедни за вас и семејството и помагаат да се намали вашиот јаглероден отпечаток.
Иако е производ кој редовно го користиме низ домот, малкумина знаат дека оцетот има неверојатни својства и е многу корисен за чистење на мазни површини: прозорци, шанкови, па дури и подови. Оцетот лесно ги отстранува дамките и ги прави површините сјајни, но покрај тоа е и природен дезинфектант, така што ќе можете да бидете сигурни дека површините не само што така изгледаат, туку и навистина се чисти и безбедни.

Истото важи и за сода бикарбоната – производ кој има милион и една намена во домот. Популарна поради своите својства кои отстрануваат мириси, сода бикарбоната може да се користи за чистење на мијалници, печки, рерни, па дури и теписи. Посипете малку на површината, оставете ја да отстои неколку минути и потоа само избришете ја. Ќе бидете изненадени колку брзо и лесно ќе ги отстрани непријатните мириси од површините.
За оние површини, пак, кои често се замрсуваат и мислите дека е многу тешко да се исчистат, постои уште едно природно решение. Лимонот има уникатни својства кои лесно се пробиваат низ мрснотиите и дамките. Тој остава и свеж, пријатен, но пред се’ природен мирис. Можете да го користите за чистење на практично секоја површина во кујната, но е особено идеално за чистење на ринглите од шпоретот, даските за сечење и работната маса.
Користењето на зелени, еко алтернативи во процесот на чистење ќе ви ги оттргне грижите за тоа дали домот по чистењето ќе биде безбеден за децата или милениците. А освен тоа, ќе ви отвори можност да заштедите, но и да се чувствувате подобро со себеси – знаејќи дека давате значаен еко придонес во заедницата и животната средина. Послушајте ги советите на Пакомак, за оваа зима вашиот дом да сјае со посебен еко блесок!