Како што започнува одбројувањето за најголемата светска волонтерска акција Часот на планетата Земја, тимот на ова светско движење денеска официјално го промовираше глобалното видео од светската маркетинг кампања во кое за првпат се појавуваат и инсерти од Македонија.
Две минутното видео во кое главна музичка тема е интернационалниот хит “Pompeii” на британскиот бенд Bastille ја прикажува потребата да се променат климатските промени со моќта која ја поседува секој од нас.
- Ние сме првата генерација која го чувствува влијанието од климатските промени, и последната генерација која може да го промени тоа, вели американскиот претседател Барак Обама во видео рекламата.
Поради актуелноста и успешноста на акцијата Часот на планетата Земја минатата година во Македонија, глобалниот тим реши да вметне инсерт од исклучувањето на осветлувањето од плоштадот во Скопје во рекламата која ја гледа целиот свет, а истото можете да го видите во 58-та секунда од видеото.
Часот на планетата Земја претставува најголемата светска волонтерска акција со еколошки карактер, која има за цел преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час да се испрати силна порака за спас на планетата.
Македонија оваа година во акцијата ќе се вклучи по шести пат.
- Навистина сум среќен поради големата успешност на Часот на планетата Земја во Македонија и ме радува тоа што глобалниот тим ја препозна нашата ангажираност и реши да вметне инсерт од исклучувањето на осветлувањето на плоштадот во Скопје во видео рекламата која ја гледа целиот свет, додава Ѓорги Селков, главен организатор на акцијата во Македонија.