Пластичен хирург ѝ ги зголемил градите на Шерон Стоун без нејзино знаење и согласност, открива таа во својата нова автобиографска книга.
Кога актерката се разбудила по операција за отстранување на бениген тумор од градите 2001 година, како што пишува, нејзините гради биле зголемени затоа што докторот „одлучил дека ќе изгледа подобро со поголемо торзо“.
Шерон Стоун, која е во седмото десетлетие од животот, натаму додава и дека, таа големина била „посоодветна на нејзините бутини“ – според докторот.
-Тој го смени моето тело без мое знаење и без моја согласност!, пишува таа.
Овој случај е само една од повознемирувачките приказни во нејзината книга „The Beauty of Living Twice” . Актерката раскажува за тоа како таа и нејзината сестра Кели, како деца, биле сексуално злоставувани од нивниот дедо Кларенс Лосон, со кого двете девојчиња биле затворени некое време. Лосон починал кога Шерон Стоун имала 14 години.
-Ме обзеде чудно задоволство кога тој конечно умре. Ми падна камен од срце. Ја погледнав Кели и таа разбра – таа имаше 11 години и така тоа заврши”, се потсетува Шерон.
Актерката исто така, тврди дека била измамена за да ја соблече долната облека за познатата сцена со испрашувањето, во трилерот „Основен инстинкт“. Таа пишува дека ѝ рекле дека „белата долна облека одбива светлина“ и ја увериле дека нејзината вагина нема да се гледа. Последната верзија на филмот го покажува спротивното.
Во своите мемоари, Стоун опишува и други случаи на злоупотреба од страна на мажите во Холивуд, но застанува во одбрана на режисерот Вуди Ален, со кого работела трипати. Него го опишува како „суперпрофесионалец“ со кого било „исклучително доживување“ да се работи. -Никогаш не сум имала непријатна случка со Вуди Ален, вели Стоун.
-Тој се однесуваше кон мене многу професионално. Многу ме охрабруваше… Бев млада – имав 19 години кога почнав да работам со него, нагласува таа.