Уште една Златна бубамара и уште еднаш смеење до солзи. Додека надвор истураше дожд, во Универзалната сала слободно можеше да се прошета по кратки ракави што од греењето, што од опасно вжештената атмосфера која што се случува секоја година.
Кога Сашко Коцев ќе излезе на сцена и ќе ви соопшти дека како и Прометеј така и тој оваа година носи гаќи, а потоа ќе започне да ги колне женетите мажи што не го предупредиле пред да рипне во тавче, едноставно знаете дека ви претстои вечер за паметење. Комичното сценарио и маестралното водење на кумановецот си го направија своето, па никој не беше изоставен. Од власт до опозиција, од странски инвестиции и градски скулптури, до нашиот сакан ендемски вид политичарот уште попознат како Политикус без потпис пропалис, типичен безрбетник кој може да се најде во Центар, Водно, Идризово и на вести.
Традиционално и оваа година бубамарите одлетаа во рацете на најзаслужните ликови од светот на музиката, телевизијата, театарот и општествениот живот.
Чудесната земја на Владо Јовановски ја однесе наградата за најдобар ТВ-проект, Суперхикс ја добија осмата бубамара, овој пат за најдобар концерт, Металург се закити со наградата за спортски тим на годината, додека наградата за животно дело постхумно му беше доделена на Владимир Ангеловски – Дади.
Пријатно изненадување на вечерта беше српскиот бенд „Frajle“ кој ја доби наградата за најдобар балкански бренд. Четирите девојки ги понесоа присутните на мало музичко патување од Германија, преку Русија, чардашите, француската ЗАЗ до домашната „Чукни во дрво“ предизвикувајќи општ восхит и громогласен аплауз.
Калиопи која ја доби наградата за пејачка на годината и во живо ја изведе евровизиската „Црно и бело“ го прекина својот настап барајќи да и се засили озвучувањето, a потоа одново ја испеа песната. Некаде пред крајот на сцената се појави нашиот шоумен, Игор Џамбазов кој заедно Харе и Викторија Лоба изведе неколку добро познати рефрени.
Сите оние кои не успеаја да го следат шоуто во живо, ќе може да ја погледнат снимката во сабота од 20 часот на Канал5 телевизија.
Од тоа што го видовме вечера вечер топло ќе ви препорачаме да го прескокнете саботно излегување бидејќи не сакате да ја пропуштите одличната кореографија на Коцев, ниту пак Кирил Поп Христов- Кили во улогата на индискиот инвеститор Субрата Рој.
Ве оставаме со нашата фотогалерија како мало загревање пред и самите да се уверите дека Златната бубамара навистина е мелем за душа.
Текст: Н.Вуковиќ
Фото: Б.Бошковски