Dallas Byers Club веднаш по премиерата беше издвоен како еден од најдобрите филмови на годината.
Биографски филм за борбата на Рон Вудруф, хетеро-сексуалец претворен во шверцер на илегални лекови во САД воодушеви милиони ширум светот и не престанува да фасцинира. Причината за неговата Одисеја била СИДА-ТА болест со која самиот Рон и милиони други Американци се бореле, а премалиот избор на лекови одобрени од FDA (Агенција за храна и лекови) за неа во САД.

Сцена од филмот Dallas Buyers Club
Лековите кои тој ги увезувал биле единствениот спас за продолжување на животите на болните од СИДА, а подоцна овој мал бизнис се претворил во вистински клуб со 4000 клиенти. Публиката како и филмските критичари беа подеднакво импресионирани од филмот во режија на Жан Марк Вали, а веќе беше номиниран за 2 Златни глобуси.

Метју Меконахи како Рон Вудруф
Актерот Метју Меконахи (кој го портретира Рон Рудруф во филмот) освои номинација за главна машка улога, а Џеред Лето за споредна. Филмот моментално има 92 % позитивни критики на Rotten Tomatoes, а овие актери се сметаат за кандидати и на Оскарите.
Сепак, малкумина знаат дека овој филм беше инспириран од статијата на новинарот Бил Минутаглио, насловена „Buying Time“ и објавена во 1992-ра година во весникот Dallas Life Magazine.

Насловната страница од статијата на Бил Минутаглио
Идивиди имаше задоволство на кратко да поразговара со господинот Минутаглио кој моментално работи како професор по новинарство на Универзитетот во Остин, Тексас. Сепак и покрај тажниот момент во кој го направивме интервјуто (смртен случај во неговото семејство), господинот Минутаглио беше голем професионалец и се согласи да го комплетираме.
Идивиди: Господине Минутаглио, ви благодарам за укажаната можност да поразговарам со Вас. Оригиналната сторија за Рон Вудруф напишана од Вас и насловена Buying Time беше објавена во Dallas Life Magazine во 1992-ра година. Како дознавте за Рон Вудруф и неговата мисија на шверцување на лекови во САД кои не биле одобрени од FDA?
-Најпрво слушнав за него, а веднаш потоа прочитав и кратка вест за него и неговиот клуб во еден дневен весник. Тоа беше многу кратка вест. Во главно за самиот клуб, но и мал осврт за него и болеста која ја имаше- СИДА. Лесно го пронајдов во Далас. Рон беше многу фин, учтив човек кој зборуваше многу тивко и спокојно и првиот впечаток за него ми беше дека е добар човек кој не заслужува да страда од таа болест.

Бил Минутаглио
Идивиди: Рон патувал до Мексико и разни други места ширум свет (во статијата напишавте дека пропатувал на 300 различни локации) за да ги донесе лековите во САД. Тој дури бил облечен како свештеник, доктор кога го правел тоа. Во вашата статија имаше еден интересен цитат од Рон кој вели „Под нормални околности најверојатно правев 6 различни криминални дела со секое патување, а Господ знае уште колку помали“. Но благодарение на тие патувања тој живееше 6 години подолго од оригиналната дијагноза. Како успеа да не го откријат толку долго (од 1987 до 1990-та година) и дали некогаш дозна како се заразил со ХИВ?
-Да понекогаш тој се облекуваше како свештеник и како доктор. Да тоа е точно и тој ми го потврди тој факт. Но, кога зборував со него, за потребите на мојата статија тој беше нормално облечен. Дури делуваше како да работи во библиотека или како сметководител. Слаб, висок човек облечен во панталони и кошула. Ништо посебно за да би го издвоило од масата. И да се надоврзам, никогаш не дозна како се заразил. Не сакаше да зборува за тоа, а ниту за фактот дека не знаејќи ја заразил и својата девојка. Но, морам да признаам дека го прашав дали би се согласила и таа да биде во статијата. Да ја интервјуирам и неа покрај Рон, но таа ме одби.
Идивиди: Дали тој навистина беше хомoфобичен „бигот“ како што е прикажан во филмот? Бидејќи во филмот тој ќе се спријатели со геј трансџендер лицето Рeјон (фиктивен лик портретиран од Џеред Лето но сепак). Тој лик не постоел, но ја претставува геј популацијата со која Рон имал контакти секојдневно при продавањето на увезените лекови. Токму поради тој аспект, сметам дека нереално е претставен во филмската верзија.

Вистинскиот Рон Вудруф
-Во право сте. Многу работи за Рон, но и за самиот град Далас се променети во филмот. Рон кој јас го запознав беше фин човек облечен во кошули и панталони или во костим. Во филмот тој е и каубој, а не можеше да биде подалеку од тој свет. Далас не е баш „каубојски град“. Тоа е голема урбана модерна метропола и немаше многу родео ранчови и тогаш, пред 20 години. Нека не ве залажуваат филмовите. И никогаш во разговорите со мене не спомена никакви навреди за геј лицата. Не беше хомофоб, туку напротив многу од неговите лојални муштерии беа геј лица и сите ги третираше со почит. Луѓето му плаќаа доста пари за да ги увезе тие лекови и нивните животи (а и тој на Рон) зависеа од успехот. Рон беше сериозен, организиран бизнисмен и работата ја сфаќаше сериозно. Дури го водеше бизнисот од канцеларија. Никогаш не го видов облечен во родео каубојска облека. Секогаш беше облечен во костим со вратоврска.
Идивиди: до 1992-ра година кога и беше објавена вашата статија, Dallas Buyers клубот имал до 4000 постојани клиенти. Рон им ги продавал увезените експериментални лекови добиени од подземни лаборатории, или пак лековите одобрени во други земји, најчесто во Европа. Дали сите тие лекови (а ги имало до 112 видови) биле полезни за клиентите? Прашувам бидејќи Рон немал никакво формално образование од областа на медицината, а продавал лекови на болни луѓе. Свесна сум дека очајот на се ќе те натера, но сепак....
-Очајот е клучниот збор тука. Во право сте. Тој немаше никакво формално образование во областа на медицината но, со истражувањето, читањето на литература и самата инволвираност тој од неинформиран електричар станал самоук експерт за фармација. Но, мислам дека и покрај бизнисот, интересот беше важен за Рон и на лично ниво. Не смееме да заборавиме дека како и неговите клиенти и тој самиот беше болен од СИДА. Не сум компетенетен да зборувам за опасностите и бенефициите од лековите бидејќи ниту јас не сум експерт во таа област но моето мислење е штом тој успеа да го одржи бизнисот толку години, сигурно имало повеќе придобивки од опасности. Повторно ќе нагласам. Тие луѓе беа очајни за намалување на страдањето, ако веќе не можеа да бидат спасени.

Џеред Лето како Рејон
Идивиди: Во времето кога ја објавивте статијата, ХИВ позитивната дијагноза се сметаше за „смртна казна“. Најмногу затоа што лицата со ХИВ (или СИДА) имаа премалку опции за третмани, а особено третмани одобрени од FDA. Лекот наречен AZT се сметаше за откритие но подоцна се покажа како премногу токсичен и не-ефективен. А исто така мал број на луѓе можеа финансиски да си го дозволат. Која беше причината за ова? Стигмата, премалото знаење за оваа болест во јавноста, (тогаш релативно нова болест), мислењето дека е болест доминантна кај геј популацијата во пост Реган-овото конзервативно општество во Америка?
-Мислам дека сите работи кои ги набројавте имаа удел во креирањето на мислењето за ХИВ/СИДАТА, но и малиот број на финансиски фондови од страна на администрацијата на САД за истражување. Тоа беше време кога за СИДА-ТА не се зборуваше отворено како сега и ако подобро размислам во 80-те мал број на славни личности имаа храброст јавно да проговорат. Елизабет Тејлор на пример беше една од ретките. Паметам колку Рон беше лут на владата бидејќи не „мрдаше“ доволно брзо во одобрувањето на лекарствата за третманот на СИДАТА. Подоцна луѓето почнаа сериозно да се инволвираат во пронаоѓањето на финансии, преку донации или фондации. Сега колку што сум упатен има повеќе видови на терапии и лекови за болните од ХИВ или СИДА.
Идивиди: Кое е вашето мислење за филмот Dallas Byers Club? Дали сценаристите ги доловиле ликовите како што се надевавте и дали сте задоволен од перформансот на Метју Меконахи во улогата на Рон Вудруф?
Не. Уште не сум го гледал филмот. Но, од пријателите и колегите кои го гледале ми кажаа дека има ехо од мојата сторија во дел од филмот, но и има и многу сцени кои не адаптирани од мојата сторија. Тие се претпоставувам фикција и додадени најверојатно за драматичен ефект. Сценаристите на филмот ме исконтактираа и јас им бев на располагање цело време додека го пишуваа сценариото. Слушнав и позитивни мислења за глумата од актерите, но уште не сум го гледал за да дадам лично мислење.

Постерот за Dallas Buyers Club филмот
Идивиди: Што стана со Dallas Buyers клубот по смртта на Рон Вудруф? Ја знаете ли судбината на клубот денес ?
Не навистина не знам што се случи со клубот. Мислам дека не постои но, како и зошто навистина не знам.
Идивиди: Вашата најнова книга Dallas 1963 која ја напишавте заедно со Стивен Л. Дејвис ја објавивте оваа година. Кои се проектите за во иднина? На што работите во моментов?
Моментално немам во план за пишување на нова книга, туку на мала турнеја за промоција на Dallas 1963 низ делови на САД.
С.Лазаревска
Трејлер за филмот Dallas Buyers Club: