
Наслов:
The Wolf Of Wall Street
Режија:
Мартин Скорсезе
Сценарио: Теренс Винтер
Улоги:
Леонардо ди Каприо, Џона Хил, Метју Меконахи, Кајл Чендлер...
Жанр:
крими-комедија
Времетраење: 179 мин.
Замислете си лик, толку развратен, алчен, издрогиран кој го прави Гордон Геко (Мајкл Даглас во Wall Street) да изгледа како Далај Лама. Сериозно. Неговото име е Џордан Белфорт, и „финтата“ е што не е измислен како господинот Геко.
Леонардо ди Каприо е Џордан Белфорт во The Wolf Of Wall Street. 5-от филм во кариерата на актерот режиран од Мартин Скорсезе. Биографски филм за подемот на Џордан од 22-годишен стажант, до „ѕверка“ на Вол Стрит која заработува по милион долари неделно. -Дали сево ова е легално? Прашува Џордан во филмот и самиот го дава одговорот. -Апсолутно не, па затоа и не му треба долго да стане мета на ФБИ. Проблемот за Џордан во остатокот од филмот ќе биде како да го одложи неизбежното.

Во The Wolf Of Wall Street, Мартин Скорсезе внесол се што може да очекувате од него. Нарација, одличен саундтрак, забавени снимки, крупни кадри, беспрекорна монтажа, кршење на четвртиот ѕид (техника кога актерот гледа во камерата и се обраќа на публиката), но фасцинантното во филмот е тоа што во одделот наречен очекувања има многу работи што не ни можете да си ги замислите. А верувајте тоа се мнооогу работи. Го гледате Лео како шмрка кокаин, фрла џуџиња и до крајот ќе испие повеќе апчиња што би убиле и слон, а не па човек. И покрај должината, (3 часа) филмот како целина ви го зграбува вниманието и не го напушта. Дури и во екстремно долгите сцени (и навистина мислам долги) со монолози и бизарен дијалог кои се урнебесно смешни, генијални, депресивни и деградирачки во исто време.

Но, ако The Departed беше филм на Мартин, ова е филм на Лео. Тој во The Wolf е толку добар што неговата глума не само што заслужува Оскар, туку сцената во која издрогиран се обидува да дојде до автомобилот, гарантирам ќе биде во сите учебници на школите за филм уште следната година. Брилијантно снимена, а уште подобро одглумена. Тој е одличен дури и во моментите кога мислите дека гледате over-acting. Лео со талентот ве мами и вие го гледате најдобриот перформанс во неговата кариера. Ако се сеќавате, Џона Хил во Moneball, успеа да го засени Бред Пит. Тука никој не го засенува Лео. Тој е господарот на филмот, и покрај тоа што има одлични споредни актери како, Кајл Чендлер (ФБИ агентот Патрик Денам), oскаровецот Жан Дужардан (Жан Жак Саурел, корумпираниот швајцарски банкар) и да, Џона Хил (партнерот Дони Азоф).

Но, за разлика од Wall Street „алчноста, сега не е само добра“. Развратот, ексцесот, дрогата се уште подобри. Одлични. Тие се афродизијак. Бидејќи Џордан сега не е само алчен корумпиран брокер и криминалец. Не, не. Сценаристот Винтер, сега го довел Џордан до манијакален харизматичен социопат кој е обожаван како бог. Ако подобро размислиме како одминува дејствието, да точно тој не покажува скрупули, морали или пак совест. Но, ги имаше на почетокот. Најверојатно тие нервни рецептори во мозокот со време умртвеле од дрогата која ја конзумира и од парите кои не знае како да ги потроши. Но, Винтер повлекол линија во едно нешто поврзано со овој лик. Тој не е опасен (вистинска реткост во филм на Скорсезе). Целата хистерија и сите инциденти се предизвикани од дрогата и најчесто тој нема контрола врз своите постапки. Сепак, нема негирање дека е ужасен човек. Не го оправдувам, но такви се речиси сите во неговиот круг, а тој е продукт на својата околина.

The Wolf Of Wall Street е најдолгиот филм во кариерата на Скорсезе (го победи The Aviator за 10 минути). Но, во исто време, тој е еден од најдобрите крими филмови на Скорсезе. Ако има правда ќе му го донесе и Оскарот на Ди Каприо во март следната година, но филмот може да се надева и на епитетот „култен класик“ уште од сега.
С. Лазаревска
The Wolf From Wall Street можете да го погледнете во Cineplexx кино салите :
*Работни денови: 16:30,18:00, 20:00, 21:30, 22:20 часот
* Викенд: 16:30,18:00, 20:00, 21:30, 22:20 часот
Доколку сакате да го погледнете целиот репертоар на киното кликнете тука.