Епа Авалонци, јаки момци и девојки, секоја чест!
Навистина „All you need is love“е потребно за да се живне домашната публика и да се потсети на старите добри хитови на едни од најпознатите групи и пејачи на Балканот.
Можеби најдоброто нешто од синоќешниот концерт е тоа што немаше песна која што не ја знаевме, било да се тоа хитовите на EKV, безвременските стихови на Ареа, препознатливиот звук на Prljavo Kazaliste или легендарниот Бајага.
Публика што пее во еден глас е совршена награда за секој музичар, а воедно и за организаторот кој се погрижи да ни приреди одлично неколку часовно шоу со богата музичка програма во која секој ќе се пронајде.
Вечерта започна малку подоцна од предвиденото со песните од EKV во изведба на Deca Iz Vode.
По нивниот настап атмосферата се вжешти со појавувањето на Ареа на сцената, кои буквално ја запалија публиката со своите добро познати стихови, меѓу кои најголема еуфорија несомнено предизвика песната „Сите мои слики“.
Позитивната енергија во салата кулминираше и за време на хитовите на Prljavo Kazaliste, а посебно впечатлив момент беше изведбата на Македонско девојче.
Последен, но не и помалку важен, настапи Бајага, кој доцна во ноќта, заедно со публиката ги пееше стиховите на „Песна против малери“, „Moji drugovi“ и многу други препознатливи рефрени.
Сè, на сè, вечер за паметење, со супер музика, но со помалку студена сала. Љубовта нè грее, но некогаш и плус топлина не е на одмет.
Н. Вуковиќ