На почетокот на оваа работна недела, групата Суперхикс нуди нешто ново. Станува збор за новиот сингл „Ти треба некој“ кој денес премиерно ќе биде емитуван во македонскиот радио етер. Песната е само мала увертира во ска-панк експлозијата која ќе се случува на официјалната промоција на четвртиот студиски албум на Суперхикс кон крајот на годинава. „Ти треба некој“ е трет сингл од новиот албум кој следува по првите два: „Африка” и „На лута рана”.

„По промовирањето на новиот сингл наскоро ќе биде претставен и видео спотот кој веќе е снимен. Сакаме да нагласиме дека кога еднаш ќе ја чуете „Ти треба некој“, веднаш ќе знаете дека вам само ви треба звучниците да бидат пуштени на најгласно”.

Додека во студио го подготвуваат новиот албум, Суперхикс неуморно се посветени и на она по што се најпрепознатливи - концертите во живо кои секогаш ја воодушевуваат публиката. По неодамнешните настапи во: Хрватска, Србија и Словенија, групата во јуни ќе ја продолжи концертната турнеја во Германија. По објавувањето на „Албумот на полнолетството“, нè очекува и големиот концерт во Скопје по повод 18-годишнината од постоењето.