Златните славејчиња и Даниел Кајмакоски ги здружија силите и направија песна која освен што праќа прекрасна порака од прва влегува во уво и дефинитивно ќе им се допадне на децата, но и на повозрасните.
Тие денес во киното Cineplexx во City Mall го промовираа спотот за „Секој го снима својот филм". Автор на музиката и аранжманот е Александар Митевски, а текстот е на Огнен Неделковски. Песната ќе биде изведена на претстојниот детски фестивал кој ќе се одржи од 14-ти до 19-ти ноември, во просториите на Универзалната сала.
- Многумина познати пејачи ја започнаа својата кариера на „Златно славејче“, јас ја имав таа чест да станам славејче на 31 година, изјави Кајмакоски кој за време на промоцијата на спотот им се придружи на момчињата и девојчињата од хорот за заедно да ја изведат песната. Децата несомнено се одлични во пеењето, но и во глумата и нивните таленти се нешто што допрва треба да биде откриено.
Како и досега, организаторите на Златно славејче ветуваат дека фестивалот ќе биде вистински празник за децата, музички саем кој не смее да се пропушти.
Во текот на неколкуте дена ќе се одржат од 16 до 18 претстави, секој ден од 11 и од 13 часот. На главната претстава во недела од 18 часот ќе се појави и претседателот Ѓорѓе Иванов, кој е покровител на фестивалот.