Актуелниот италијански првак Јувентус очекува, конечно, да стигне до првата победа сезонава во домашното првенство. „Старата дама“ по првите три кола има само едно реми и два порази, но покажа дека кризата е заборавена откако победи со 2:1 на гости кај Манчестер Сити во Лигата на шампионите. Добрата игра од елитната европска лига Јуве сега треба да ја преточи и на домашна сцена. шампионот гостува кај Џенова.
ГОЧЕ Е КОШМАРОТ НА БУФОН
Во тимот на Џенова летово потпиша македонскиот напаѓач Горан Пандев. Популарниот Гоче зад себе има повеќе од една деценија во Серија А. Единствено минатата сезона не беше дел од неа, кога го носеше дресот на Галатасарај. Пандев секогаш кога играл против Јувентус имал посебна мотивација, а тоа го покажуваат и бројките кои се зад неговото име. Струмичанецот досега има дадено дури седум голови на најтрофејниот италијански тим. Едноставно тој е како кошмар за Џиџи Буфон. Пандев верува дека таа одлична серија погодоци може да ја продолжи и на утрешниот меч.
ГОРАН: ПАК САКАМ ДА ЈА ЗАТРЕСАМ МРЕЖАТА НА „СТАРАТА ДАМА“
„Јувентус е најсилниот тим во Италија, но токму против него јас играм добро. Знам дека нè очекува тежок меч, но се надеваме дека ќе биде позитивен за нас. Верувам дека со мојата игра ќе помогнам тимот да освои нови бодови“, рече Пандев, кој додаде дека голема желба му е да му даде уште еден гол на легендарниот голман Буфон.
„Имав тешка сезона во Галатасарај и се надевам дека брзо ќе се вратам во стартиот ритам во Серија А. Сакам да му дадам пак гол на Буфон, но најважно е Џенова да оствари добар резултат во овој дуел“, заврши Пандев, кој уште го чека првиот погодок во дресот на Џенова.
Во кариерата Пандев му има давано голови на Јувентус и тоа како играч на Лацио, Интер и Наполи.
ПРОДОЛЖУВА БИТКАТА НА БАЕРН И БОРУСИЈА Д.
По стартните четири меча во германската Бундес-лига, Борусија Дортмунд покажа дека има тим кој може да му парира на Баерн Минхен во трката за титулата. „Милионерите“ имаа перфектен биланс, а сега ги очекува дербито на свој терен против Баер Леверкузен, каде треба да ја потврдат добрата форма.
Баерн не би требало да има поголеми проблеми на гостувањето кај новакот Дармштат, кој, сепак, се покажа во солидно издание досега и уште нема ниту еден пораз.
РЕАЛ БРКА ИСТОРИЈА ВО ШПАНИЈА
Главните фаворити за тронот во Шпанија, Барселона и Реал Мадрид, се големи фаворити на свој терен во дуелите со Леванте и Гранада. Каталонскиот гигант не игра убедливо, но е единствен со максимален број бодови. Реал се надева дека против Леванте ќе остане уште без примен гол, што би било за првпат во нивната клупска историја да не прими погодок на првите четири првенствени дуели. Гранада и не е некој тим кој може да создаде поголеми проблеми на „Сантијаго Бернабе“.
„ЧЕКАНИТЕ“ САКААТ ДА ГО СОПРАТ СИТИ
Манчестер сити одлично ја почна сезоната во Премиер-лигата и нареди пет победи. „Граѓаните“ сега го пречекуваат Вест Хем и веруваат дека може да останат перфектни. „Чеканите“ знаат да бидат незгоден противник и веруваат дека може да останат непоразени.
Манчестер Јунајтед ги очекува тешко гостување кај Саутемптон, а „црвените ѓаволи“ сакаат да се рехабилитираат за поразот во Лигата на шампионите. Ливерпул треба да има лесна задача против Норич.
ПСЖ ДА СЕ ВРАТИ НА ПОБЕДИТЕ
Пари Сен Жермен е неприкосновен во Франција, но „светците“ минатата недела киксираа и одвоија само еден бод. Сега тимот на Лорен Блан повторно ќе атакува на трите бода на гости кај Реим.