Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти денеска на прес-конференција во пресрет на натпреварот против Реал Бетис во Примера изјави дека годините не се пречка за капитенот на Кралскиот клуб, Лука Модриќ.

„Не е точно дека Лука Модриќ не може да игра два натпревари по ред само затоа што има 39 години“, изјави италијанскиот тренер, нагласувајќи дека искусниот играч за врска останува клучен играч за тимот.
Италијанскиот стратег додаде дека физичката подготовка на Модриќ е на високо ниво и дека податоците со кои располага клубот се јасен доказ за неговата врвна форма.
Модриќ оваа сезона одигра 39 натпревари, во просек по 46 минути по натпревар, постигнувајќи четири голови.
„Лука може без проблем да одигра два натпревари по ред. Тој е во одлична физичка кондиција и подготвен за игра“, заклучи Анчелоти.
Реал Мадрид утре од 18 часот и 30 минути гостува кај Бетис во Севилја, натпревар кој го дочекува бодовно израмнет со лидерот Барселона.