Фудбалерите на Рома на Сан Сиро со 3:2 го победија Милан и му го расипаа славењето на Паоло Малдини, кој го одигра последниот меч пред своите фанови. "Росонерите" беа принудени двапати да го надоместат водството на гостите за на крајот Тоти да го реши конечниот победник. Иако капитенот на Рома пропушти половина сезона поради чести повреди, сепак, успеа на крајот да стане најдобар клупски стрелец со 12 погодоци.
Пред Тоти, за Рома поентираа Рисе во 36. и Менез во 79. минута, додека, пак, за домаќините двоен стрелец беше Масимо Абросини. Со оваа победа Рома го осигура пласманот во Европската лига бидејќи нивниот конкурент Палермо одигра само 2:2 кај Аталанта додека пак Милан си го загрози второто место на табелата. Капитенот на Милан беше исвиркан од навивачите, кои истакнаа транспаренти испишани против него. Ова не беше само огнено проштевање на Паоло Малдини. Навивачите на "росонерите", популарните Ултрас, се свртија кон клубот и кон претседателот Силвио Берлускони.
"Продајте го Кака", истакнаа на еден транспарент.
"Со години купуваше големи фудбалери, а што ќе купиш оваа година? Марамчиња за бришење солзи?", порака упатена кон Берлускони.
Најлошо помина капитенот на "росонерите". Најрадикалните припадници на Ултрас истакнаа голем транспарент во облик на дресот со бројот шест.
"За твоите 25 години успешна и чесна кариера слушни ги комплиментите од тие кои ги нарече платеници и мизерници", беше испишан на голем транспарент.
"Само еден е капитен во нашите срца - Франко Барези!", кажаа навивачите.
Ова беше последен службен натпревар за Малдини, односно 901. во неговата кариера.
"Се гордеам што не сум како тие навивачи", кратко изјави Малдини.
Меѓутоа, имаше и такви кои достојно се простија од нивниот капитен.
"Клонирајте го Малдини", стоеше испишано на еден транспарент.
|
"Само еден е капитен на Милан" | |
Под водство на новиот стратег Чиро Ферара, Јувентус запиша три нови бода победувајќи на гости кај Сиена и со тоа бодовно се израмни со Милан во пресрет на последното коло.
Два гола постигна Дел Пјеро, кој иако се најавуваше дека нема да настапи поради повреда, сепак, стисна заби и даде голем удел во победата. Придонес во оваа победа даде и Маркисио. Ова беше прва победа за "Старата дама" по седум средби (шест реми и еден пораз). Јуве ќе го пречека Лацио, а Милан гостува кај Фиорентина.
Новиот шампион Интер загуби кај Каљари иако поведе со 23 гол на Ибрахимовиќ. Каљари го сврте резултатот во своја корист преку Коси во 34. и Аквафреска во 71. минута.
Лече му се придружи на Реџина на листата на клубови кои ја напуштаат Серија "А". Лече освои само бод против Фиорентина, кој беше недоволен за продолжување на надежта опстанок.