![](http://images.idividi.com.mk/images/raul2.jpg)
Легендарната "седумка" на Реал, Раул Гонзалес, најверојатно, нема повторно да го облече "белиот" дрес во својот живот. Тој доживеа повреда на скочниот зглоб на саботниот натпревар против Сарагоса и сега му е потребна пауза од четири недели што значи дека ќе ги пропушти последните четири кола од Примера кои треба да се одиграат заклучно со 16 мај.
Натпреварот со Сарагоса, најверојатно, беше последен за него во дресот на Реал затоа што одамна е најавено дека по завршувањето на сезоната ќе го напушти клубот каде ја помина целата кариера. Заедно со него, за заминување се подготвува уште една клупска легенда - Хозе Мариа Гутиерез Гути, кој самиот јавно потврди дека е во потрага по нов клуб. Засега, Раул тоа јавно не го кажува, но според малата минутажа оваа сезона такво нешто може да се предвиди.
"Официјално ќе објавам на крајот од сезоната", мистериозно изјавува Раул, кој сезонава постигна само пет гола во Примера и најголемиот дел од натпреварите на Реал ги почна од клупата за резервни фудбалери.
Интересно е тоа што својот последен натпревар за Реал, Раул го одигра на истиот стадион каде пред речиси 16 години ја почна својата блескава кариера. Ла Ромареда буди убави сеќавања кај легендарниот напаѓач кој во саботата постигна гол, што, најверојатно, ќе значи дека со погодок го крунисал последниот меч за Реал во кариерата. За "кралскиот клуб" одигра 740 натпревари и постигна 323 гола и во двете категории е рекордер на сите времиња. Прашање е дали во блиска иднина Реал ќе има таква легенда.