Вечерашниот реванш против Баерн е историски натпревар за Лион. Седумкратниот француски првак има негативен резултат по првите 90 минути и сега е потребно да тргне на ризик и да го анулира водството на Баерн. Трилерот на Алианц арената зачинет со два црвени картони е веќе минато, тоа му е јасно на тренерот Клод Пуел, кој веќе заборави на домашните обврски со оглед на тоа дека титулата е веќе далеку, па целосно е насочен кон овој важен дуел кој може да го впише Лион во историјата на ова натпреварување. "Лавовите" веќе си го одложија натпреварот со Монако и имаа седум дена за мирни подготовки, а Пуел разгледуваше неколку варијанти со оглед на тоа дека ќе мора максимално да ги искористи напаѓачите. Едно е сигурно, екипата мора да тргне поагресивно и да создава константен притисок пред голот на "Баварците".
"Тимот мора да го промени начинот на игра. Во Минхен одигравме премногу дефанзивно иако добро му париравме на Баерн. Ги чекавме на нашата половина, а кога имавме играч повеќе повторно не напаѓавме. Тоа резултираше со негативен резултат кој сега сме принудени да го бркаме. На Жерлан ќе биде поинаку. Тука секогаш играме одлично, ги совладавме Реал и Бордо, а подготвени сме да го повториме истото", изјави најдобриот напаѓач на Лион Лисандро Лопез.
"Најдобро играме кога ни е потребен резултат. Не сакам да бидат преоптимистичен, меѓутоа имаме реални шанси да се најдеме во финалето. Свесни сме до каде сме дојдени и подготвени сме да го направиме завршниот чекор", кратко истакна Клод Пуел, кој на овој натпревар нема да смета на суспендираниот Џереми Тулалан, меѓутоа добра вест за него е тоа што на тренинзите се вратија Жан-Алан Бумсонг и Крис, кои имаа повреди.
И Баерн има доста проблеми во своите редови кои се одразија врз неговата игра. Франк Рибери се најде на насловните страници на светските медиуми поради секс-скандалот со малолетна проститутка која кулминираше на првиот меч против Лион кога Французинот заработи црвен картон откако во бес стартуваше врз Лисандро. Меѓутоа, фортуната беше на нивна страна и Арјен Робен ја направи разликата. За Холанѓанецот тоа беше 20 гол во 31 настап, или 16 во 18 мечеви од почетокот на годината. Тој е во моментов единствениот човек кој може да го однесе Баерн до финалето за првпат по 2001 година кога беа и шампиони. За вечерашниот натпревар тренерот Луис Ван Гал покрај Рибери, нема да смета и на суспендираниот Даниел Прањиќ, потоа за Лион не отпатува и Анатолиј Тимошчук поради стомачен вирус, а Даниел Ван Бујтен и Марин Демикелис заработија повреди на листот на ногата на саботниот меч со Борусија Менхенгладбах. Белгиецот ја напушти играта во 64 минута, а Аргентинецот на полувремето. Се уште е неизвесно дали некој од нив ќе се појави на Жерлан.
"Ситуацијата не е добра. Поради болка не можам да се движам. Како што стојат работите, нема да бидам подготвен на време за реваншот", откри Ван Бујтен.
Во случај на вакво сценарио товарот ќе мора да го понесат младите Холгер Бадштубер и Давид Контенто, а ќе им помага капитенот Марк ван Бомел, кој го пропушти првиот меч поради суспензија.
Низ историјата Баерн гостувал трипати на Жерлан и притоа остварил една победа, онаа во 2008 година од 3:2. Претходно во 2003 двата тима играа 1:1, а во март 2001 Лион забележа висок триумф од 3:0. Ако се погледне статистиката на Баерн ќе се забележи дека овој тим има одиграно 20 полуфинални натпревари во УЕФА натпреварувањата, на девет од нив победил, додека на 11 загубил.
Лион никогаш не играл во финале од Европските купови, а најблиску до такво остварување бил во сезоната 1963/64 во поранешниот КПК кога во полуфиналето изгубил од Спортинг Лисабон.
ЈУБИЛЕЈ
Вечерва напаѓачот на Лион Сидни Гову ќе го запише 75. натпревар во Европските купови. 30-годишниот Французин е еден од најзабележителните играчи на Лион во изминатите 10 години, а за овој клуб има одиграно преку 350 натпревари. Првиот Европски натпревар го одигра на 12.09.2000 година кога Лион го пречека Херенвен во групната фаза од ЛШ (победа од 3:1), а оттогаш во ова натпреварување одигра 70 меча. Четири пати настапи во Купот на УЕФА. Оваа сезона во елитното европско натпреварување се појави на 10 натпревари, еднаш се запиша во листата на стрелци, а еднаш асистираше.
КУРИОЗИТЕТБаерн Минхен бил успешен на 38 од вкупно 46 двомеча во Европските купови откако го добил првиот натпревар на домашен терен. Двапати минал во следната фаза кога првиот меч го играл во Минхен и победил со 1:0 (последниот е во Купот на УЕФА во сезоната 2007/08 против Белененсес, дома 1:0, гости 2:0), а исто толку пати не поминал понатаму. Двата дуели кој ги загубил се: четвртфиналето во КЕШ во 1976/77 од Динамо Киев (пораз од 2:0) и од Тотенхем во сезоната 1983/84 во третото коло од Купот на УЕФА (пораз од 2:0).
ОВА МОЖЕБИ НЕ СТЕ ГО ЗНАЕЛЕСезонава фудбалерите на Лион направиле најмногу прекршоци од сите полуфиналисти (197).
Напаѓачот на францускиот тим Лисандро бил фаулиран 25 пати, најмногу од сите фудбалери во полуфиналето.
Фудбалерите на Баерн извеле вкупно 86 корнери и упатиле 71 удар надвор од рамките на голот, што е најмногу сезонава.
Лион дома одиграл 10 натпревари против германски екипи и има биланс од шест победи, едно реми и три порази.
Баерн гостувал во Франција 11 пати и остварил само две победи. Три пати ремизирал и шест пати бил поразен.
Во двомечевите со германски тимови Лион има две победи и три порази.
Само двапати Лион успеал да надополни негатива од првиот меч во УЕФА натпреварувањата. Шест пати не успеал да го оствари тој подвиг.
Напаѓачот на Баерн Мирослав Клосе нема добри спомени во дуелите со Лион. Како член на Вердер во ЛШ во сезоната 2004/05 неговиот тим загуби со вкупни 10:2.
Лион примил 98 голови во Лигата на шампионите (не вклучувајќи ги квалификациите), а 197 во сите европски натпреварувања.
Баерн примил 149 гола во Лигата на шампионите (не вклучувајќи ги квалификациите).
Швајцарскиот арбитар Масимо Бусака еднаш му судел на Лион, а двапати на Баерн.