Претседателот на Милан, Силвио Берлускони, вчера призна дека актуелниот тренер Леонардо на крајот од сезоната ќе ја напушти својата позиција и на негово место ќе биде ангажиран друг стручњак. Судбината на Бразилецот извесно време беше тема број еден во италијанските медиуми и многумина шпекулираа дека по само една сезона ќе дојде до разделба меѓу Милан и Леонардо. Причина за тоа беа лошите резултати во првенството, раната елиминација во Лигата на шампионите и фактот што Милан помина уште една сезона без трофеј.
"Да, Леонардо си заминува. Работиме на ангажирање на нов тренер. Кој ќе биде тоа? Разговараме со неколку луѓе. Леонардо беше многу тврдоглав, а екипата играше мошне лошо оваа сезона", додаде првиот човек на Милан и актуелен италијански премиер.
Кориере дело спорт тврди дека главни кандидати за наследник на Леонардо се некогашните фудбалер на Милан, а сега функционери во клубот Мауро Тасоти и Филипо Гали. Тасоти во моментов му е прв помошник на Леонардо, а Гали е дел од стручниот штаб. Леонардо, пак, подолго време се спомнува како нов селектор на Бразил на местото на Дунга кој најави оставка по Светското првенство во Јужна Африка.