Аргентинскиот репрезентативец и досегашен фудбалер на Бенфика, Анхел ди Мариа е првото засилување за Реал Мадрид и тоа уште пред официјалниот потпис на договорот со Жозе Мурињо. Ваквата информација ја објави португалската радио-станица ТСФ и наскоро се очекува официјална потврда од клубот. Неверојатно звучи сумата која "кралскиот клуб" ја плати за 22-годишен крилен играч - 40 милиони евра иако постои опција дел од тие пари да се исплатат со размена на играчи. Во комбинација се Езекиел Гарај и Ројстон Дренте кои треба да покријат дел од сумата, а дел да се плати во готово.
Ди Мариа имаше договор со Бенфика до 2015 година, а зад себе има сезона во која оствари дури 12 асистенции во португалското првенство. Тој е еден од најголемите таленти на аргентинскиот фудбал откако вниманието врз себе го навлече со одличните настапи на Олимписките игри во Пекинг пред две години. Со Бенфика сезонава ја освои двојната круна во португалскиот фудбал и клубот од Лисабон сега има можност добро да профитира од него. Наводно, "зелено светло" за неговиот трансфер дал и самиот Мурињо кој долго време е негов фан.
Неофицијално, во следниот период Реал ќе се обиде да го ангажира и фудбалерот на Севиља, Хесус Навас кој минатата сезона беше еден од најдобрите играчи на андалузискиот тим. Втор на листата на желби е соиграчот на Ди Мариа од Бенфика, Фабио Коентрао. Засега не се спомнува кои играчи од актуелниот кадар би можеле да си заминат, но има понуда од 32 милиони фунти од Челзи за Карим Бензема.