Шпанскиот дневник "Ел Мундо Депортиво" пишува дека овие денови менаџерот на Челзи Карло Анчелоти и напаѓачот на Барселона Златан Ибрахимовиќ моментално се наоѓаат заедно на одмор во Мајами.
"Ел Мундо" официјално додава дека Анчелоти и Ибрахимовиќ се сместени во истиот хотел и дека досега имале и средба во која се разговарало за евентуалниот трансфер на Швеѓанецот во редовите на Челзи. Во дебитантската сезона во дресот на Барселона Ибрахимовиќ одигра многу повеќе од солидно постигнувајќи 20 погодоци во 41 меч. Меѓутоа неговата игра наиде на бројни критики во шпанските медиуми, а со доаѓањето на Давид Виља во Барселона се зголемија шпекулациите дека Златан би можел да ја промени средината. Ибрахимовиќ има договор со Барселона со кој е обврзан да остане на "Камп Ноу" до 2014-та година.