Медиумите во Италија најавуваат дека Рафа Бенитез новиот тренер на Интер по секоја цена ќе се обиде летово во својот нов клуб да ги ангажира неговите довчерашни ученици од Ливерпул, Хавиер Маскерано и Дирк Кајт. Како една од алтернативите за исполнување на желбите е на "Енфилд Роуд" да биде пуштен Горан Пандев кој би заминал од Интер и би бил вклучен во размената на фудбалери помеѓу двата клуба. За да ги купи Маскерано и Кајт на Интер би му биле потребни 100 милиони евра а со замената со Пандев клубот од "Џузепе Меаца" би заштедил 30 милиони евра.
Веб порталите во Италија најавуваат дека ова е можна опција со оглед на тоа дека и во Ливерпул веќе подолго време го посакува Пандев како нивно засилување. Тие со него беа во контакт 3 години но сепак Интер успеа во јануари да го добие потписот на нашиот најдобар фудбалер кој со "нероазурите" ги освои сите титули оваа пролет.
Сепак Пандев стана миленик во Интер и таму е само 6 месеци. Тој оваа година веќе има еден професионален договор кој го потпиша со тимот од "Џузепе Меаца" на 4 јануари. Според правилата на ФИФА фудбалерот ќе мора да чека до 4 јануари 2011 година доколку сака да направи нов трансфер. Сепак има и други алтернативи а тие се Пандев да оди како отстапен играч во Ливерпул и кога ќе дојде терминот да потпише професионален договор со англискиот тим.
Пандев со Интер има договор до 2015 година а во текот на јули ќе се знае дали нашиот фудбалер ќе биде вклучен во размената со Ливерпул и трансферот на Маскерано во Милано.