Фудбалерите на Реал Мадрид се бесни на тренерот Жозе Мурињо затоа што тој упорно не сака да им даде слободен ден иако поминаа повеќе од два месеци од почетокот на подготовките. Постојано тврдат дека се уморни и дека тоа е причината за слабите игри во Примера и за деконцентрацијата што им се јавува во клучните моменти. Од почетокот на сезоната во Примера (29 август), играчите на Реал имаа само два слободни дена: 30 август и 5 септември. Нешто повеќе "фатија" малкуте фудбалери кои не се репрезентативци, а за другите одмор е заминувањето во националниот тим.
Ѕвездите на Реал се надеваа дека ќе имаат два слободни дена пред синоќешниот меч против Оксер во Лигата на шампионите, но Мурињо повторно им го скрати тоа задоволство и ги натера да тренираат и во неделата и во понеделникот пред патувањето за Франција. Каприциозните милионери не се навикнати да работат толку многу, па пред новинарите кои им се наклонети постојано зборуваат дека се "мртви-уморни".
Прв во јавноста се појави бразилскиот бек Марсело кој "стручно" објасни дека тренинзите на Мурињо се виновни за лошите резултати во сезоната.
"Не можеме да постигнеме гол затоа што ни недостасува свежина. Тренираме или играме натпревари секој ден и не ни останува време за одмор. Тоа е основната причина што не погодуваме, а имаме класни напаѓачи", се пожали Марсело.
Засега Мурињо останува глув на ваквите барања на фудбалерите инсистира да работи според својот план. Слични поплаки имаше и пред две години кога го презеде Интер, но напорната работа се исплатеше минатата сезона со освојувањето на тројната круна.