
Македонската фудбалска репрезентација претпладнево во Поградец го одржа првиот тренинг во пресрет на утрешниот пријателски натпревар со Албанија во Корча (почеток 18 часот).
Здравствениот билтен во националниот тим е поволен и сите присутни со исклучок на Нурединоски и Шиков, кои пристигнуваат попладнево, работеа максимално ангажирано. Селекторот Мирсад Јонуз изрази задоволство од приемот на домаќините и големиот интерес од локалните медиуми, како и месното население за настапот на македонската репрезентација.
- Наидовме на одличен прием, одличен терен за тренинг, сместување ... Тоа беше и предизвик за нас да одржиме добар тренинг на кој воигрувавме варијанти за самиот натпревар со Албанија. Како што реков вчера посебно внимание посветивме на играта во нападот, како и враќањето во дефанзива на истурените фудбалери. Имаме неколку нови играчи и ова беше можност да се запознаеме подобро и да ги видиме квалитетите на новоповиканите, истакна Јонуз по одржувањето на првиот од двата планирани тренинга пред утрешниот натпревар.
Вториот тренинг македонските репрезентативци ќе го одржат вечерва во 19 часот во Корча.