Резултатите на националниот тим, слабата ефикасност и смешните поединци што добија шанса а со години талкаат по Европа и не играат за никој клуб само потврдија дека овој наш национален тим има потреба од Илчо Наумоски. Голгетерот во досегашните 43 средби во државниот тим има оставено белег. Има постигнато 9 голови и на секој меч играл со срце, без штедење и со желба за успех. Можеби игра во мал клуб како Матерсбург, но игра, дава голови и зад себе има големо искуство и 28 години. Во неделата двапати ја тресеше мрежата на австрискиот првак Штурм за "ненормални" 3:3. Наумоски не е "десетти" играч во клубот туку таму им е и капитен, но и најдобар во екипата. Тоа го кажуваат статистичките податоци, медиумите...
"Ја не сум Марадона, не играм во голем клуб и не заработувам милиони. Јас сум Илчо Наумоски и како таков секогаш на теренот го оставам срцето. Било тоа за клубот, но најмногу за националниот тим. Овие два гола против Штурм не менуваат ништо кај мене. Јас сум оној истиот од пред еден месец,една година... Но не можам да поднесам некои работи и неправди. Не можам да поднесам одредени личности кои на мизерен начин работат за да ме избришат од националниот тим. Секоја им чест! Но има господ и се враќа. Тие што ги "напикаа" во националниот тим им донесоа срамни резултати. И мене ме боли душава кога гледам како губиме со 4:1 од Ерменија, но некои луѓе поради својот интерес ја доведоа репрезентацијата до ова каде што сме сега. А не е заборавен само Наумоски. Има тука уште други квалитетни фудбалери кои не се вклопуваат во шемите...", изјавува Наумоски, кој без "влакно на јазикот" отворено критикува.
Голгетерот на Матерсбург нема што да крие. На прашањето кои се тие луѓе тој ги насочи стрелите кон оние кои се обидуваат да го "минираат".
"Овие два гола против Штурм му ги посветувам на 'големиот' Бабунски. Не знам што се случува со оваа личност и не знам што му згрешил Наумоски. Се видоа неговите адути и не знам каде ќе одиме со вакви луѓе кои цел живот се селектори, а ништо не направиле за фудбалот во Македонија. И тие кои го водат фудбалот во земјава треба да се свртат наоколу и да видат што работат таквите 'тренеришта'. Зарем националниот тим треба да биде полигон за профит? Веќе сите ни се смеат за постигнатите резултати и за тоа кој се игра во репрезентацијата. Тие кои работат од интерес и за свои лични придобивки се повеќе ги има во и околу репрезентацијата. Тоа го нема во ниту еден друг национален состав. Наумоски никого не молел и никому не плаќал да игра за Македонија. Јас сум горд што го носам дресот со државниот грб и сум жртвувал многу работи во мојот живот поради оваа репрезентација", отворено зборува голгетерот на Матерсбург и фудбалер кој во изминатиот циклус на 6 средби постигна два гола.
Сега откако срамните квалификации се зад нас, сега кога се знаат следните противници и сега кога има доволно време за расчистување на просторот следи и пораката на Наумоски.
"Имаме квалитет, но немаме единство. Треба некој да поработи на оваа проблематика. А има време до новиот циклус, има време да се склопиме и да се обидеме да бидеме подобри од ова што сме денес. На СП можеби не можеме да одиме, но можеме да играме онака како треба. Треба да одиме чекор по чекор и од меч во меч. Само така може да одиме напред и само напред. Со 'минирања', со 'сопки' и со 'интереси' ништо не правиме. Затоа сме тука каде што сме и подобри само од Андора!", е крајниот коментар на Наумоски околу комплетната атмосфера во националниот тим и причините за неговото неиграње во репрезентацијата откако е Тошак селектор на Македонија.