Иако во неделата го постигна својот 150. гол во дресот на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо е незадоволен од престојот во клубот од главниот град на Шпанија и вели дека сака да ги напушти редовите на "кралевите".
Роналдо беше стрелец на два гола против Гранада, но не се радуваше на нив. Мечот го напушти во 64. минута поради повреда, но на неговото лице се забележуваше незадоволство.
"Повеќе не сум среќен. Тажен сум во Реал, а тоа е поради некои луѓе. Во клубот добро знаат за што се работи. Тоа се професионални проблеми и мислам дека е најдобро да си заминам во следниот преоден рок", изјави Роналдо по натпреварот со Гранада.
Дека во соблекувалната на Реал Мадрид не функционира с$ како што посакува тренерот Мурињо се виде уште на првите две средби од првенството. "Кралевите" играа нерешено против Валенсија, а потоа загубија од Гетафе. Сето тоа е резултат на атмосферата која со изјавите на Роналдо се потврдува дека не е на нивото кое е потребно.
Според она што го донесуваат шпанските медиуми, Роналдо имал состанок со претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, за да му го изнесе своето незадоволство и да му порача дека сака да си замине од клубот. Веднаш по ова следувал контакт со менаџерот на Роналдо за да се провери дали имало некаква понуда која успеала да му го расипе расположението, но од ова нема ниту збор. Вестите велат дека Роналдо е во лоши односи со дел од играчите кои настапуваат во Реал Мадрид и сето ова придонесува за проблемите.
Иако Роландо не наведува кои се играчите со кои е во конфликт, во информациите кои се пренесуваат се вели дека се почнало со изјавата на Марсело дека во трката за најдобар играч во Европа би требало да биде вклучен и голманот на Реал Мадрид, Икер Касиљас. Ваквите коментари не му се допаднале на Роналдо, кој важи за еден од најголемите "нарциси" меѓу фудбалерите во моментов.
Покрај Марсело меѓу оние со кои му се влошиле односите се и Коентрао и Пепе. Од претходно беше познато дека тој има одредени проблеми и со фудбалерите кои се од Шпанија, па сето ова влијае на неговата игра во моментов. Дали Перез ќе одлучи да ги испрати некаде фудбалерите коишто го нервираат Роналдо (ќе треба да бидат најмалку тројца или четворица) или ќе му дозволи на Кристијано да ја смени средината останува да се види. Вака како што во моментов се движат работите губи најмногу Реал Мадрид.
Инаку, Роналдо кај "кралевите" има договор до 2015 година, а неговата плата по сезона е десет милиони евра.