Македонскиот кошаркарски прволигаш ТФТ Скопје дополнително ги засили своите редови пред стартот на новата сезона со репрезентативецот Аднан Мекиќ.
Како што соопшти попладнево ТФТ, „искусниот кошаркар се согласи на отворен договор со нашиот клуб што значи дека ќе биде слободен да си замине ако до него стигне вистинска понуда, пред сè од странство“.
„Додека се случи тоа, Мекиќ одлучи да помогне во амбициозниот проект на ТФТ и покрај тоа што за него имаше интерес од неколку домашни клубови, како и од регионот“, се додава во клупското соопштение.
Мекиќ со ова го официјализира враќањето во домашната кошарка по безмалку две години поминати во странство, прво во романскиот прволигаш Темишвар, а потоа и во Задар со кого освои две титули во хрватското првенство.