Грузија остана без својот најдобар кошаркар Заза Пачулија за продолжението од Евробаскетот во Литванија.
Како што утрово објавија грузиските медиуми, Пачулија нема да биде во можност да продолжи со настапите на ова ЕП откако заработил повреда на мускулот на десната нога и ќе мора да паузира еден месец од кошаркарските терени. Пачулија е познат по тоа што минатата сезона ја помина во НБА лигата како член на Атланта Хоукс.
Во првата фаза на ова ЕП беше вистински лидер на Грузијците, заедно со Маркоишвили, кошаркар на италијанскиот прволигаш Канту. Пачулија првите пет средби за Грузија ги заврши со ефект од 68 поени (13,6 по натпревар), 47,2% реализација на шутеви за два поени и исто толкав просек за 3 поени.
Отсуството на Заза Пачулија, се чини е само уште еден голем плус за четата на Докузовски, која токму на премиерниот дуел в четврток со Грузијците ќе бара победа за пласман меѓу 8-те најдобри на шампионатот.