Екипата на МЗТ Скопје по триумфот во Загреб против Цибона денес во СЦ „Борис Трајковски“ ќе атакува на втората победа во АБА лигата. На вчерашната прес-конференција тренерот на МЗТ Скопје, Александар Тодоров повика да не се потпадне под еуфоријата од триумфот во Загреб.
- За денешниот дуел треба да го заборавиме натпреварот со Цибона и еуфоријата мора да спласне. Противникот (Широки) е неатрактивен, но тоа е добра екипа која лани во оваа лига го освои петтото место. Широки ќе дојде растоварен, но големината на екипата е да победи кога мора. Неизвесен е настапот на Тодор Гечевски, кој се повреди (скочен зглоб) во првото полувреме на дуелот со Цибона. Последниот збор дали тој ќе игра ќе го има докторот Слободан Николиќ, рече Тодоров.
Пред новинарите беше претставено и новото засилување Борис Бакиќ, кој ќе треба да помогне на бековските позиции, каде МЗТ Скопје на првиот дуел со Цибона имаше многу грешки (изгубени топки).
- Знам каде дојдов и знам дека МЗТ Скопје е квалитетна екипа од Македонија. За противникот можам да кажам дека е незгоден ривал, но екипа која е послаба од ланската сезона, истакна Бакиќ.
Натпреварот МЗТ Скопје Аеродром – Широки се игра денес со почеток во 20 часот и 15 минути.