По итна постапка, односно по само два дена откако ја „заработи“ тешката повреда на коленото на десната нога, Ивица Димчевски беше подложен на оперативен зафат.

А доктор Зоран Несторовски од болницата „8 Септември“ во Скопје беше задолжен да ја санира штетата на повреденото колено, односно да ги „поправи“ искинатите предни вкрстени лигаменти на болното колено на нашиот репрезентативец.
Првите „дијагнози“ по успешниот хируршки зафат се дека истиот поминал во најдобар ред. Дека Димчевски ќе треба да остане најмалку пет дена во болницата, секако како дел од оној прв постоперативен третман, по што ќе се знаат и некои други детали. Пред сè поврзани со „должината на траењето“ на рехабилитацискиот период.
Лекарските имиња од оваа област планираат пауза од најмалку шест месеци, но во случајот на Димчевски, за кој лекарите проценија дека има силна мускулатура, се надеваат дека може да биде и пократок.
Како и да е, сите во неговиот клуб, но и од кошаркарската федерација, од каде најавија максимална поддршка, особено во периодот за рехабилитација, се надеваат дека ќе го имаат Димчевски на располагање пред почетокот на наредната натпреварувачка сезона.