Луис Хамилтон никогаш не криел дека Аиртон Сена е неговиот идол во Формула 1, а сега актуелниот светски шампион има златна шанса да се израмни со неговите 41 победи во спортот на ноќната трка во Сингапур.
Ако Британецот со својот доминантен Мерцедес стигне до триумф во 161. старт в недела, не само што ќе го израмни рекордот во ист број трки како легендарниот Бразилец туку и ќе биде поблиску до третата титула, со што исто така би се израмнил со Сена.
„Го гледав Сена како дете и би била вистинска чест да се израмнам со него. Сега сакам да бидам подобар од него, иако не смееме да заборавиме дека ако беше жив тој ќе освоеше многу повеќе“, вели 30-годишниот Хамилтон за возачот кој трагично го загуби животот на Сан Марино ГП во 1994 година.
Хамилтон има импресивна предност од 53 поени пред својот најблизок ривал, колегата Нико Розберг пред 13. трка од сезоната, и токму на оваа трка пред една година ја „сврте“ сезоната во своја корист. Оваа сезона, тој има 11 пол-позиции во 12 трки, заврши во секоја трка и стигна до седмата победа во Монца кога Розберг се откажа поради проблеми со моторот.
Хамилтон знае како да победува во Сингапур освојувајќи ја двапата трката под рефлектори во Марина Беј и е загреан за нова тешка трка.
„Двапати победив од пол-позиција и знам колку се важни квалификациите. Нема да биде лесно да се стигне до третата победа“, додава Британецот.
Розберг признава дека не е фан на патеката со 23 кривини откако поради проблеми со електрониката лани се откажа и му дозволи на Хамилтон да го помине во генерален пласман, но додава дека нема што да загуби.
„Знам дека ја имам потребната брзина за победа, така што се надевам на чист викенд и можност да ја пуштиме сребрената ѕверка под рефлекторите“, изјави Розберг.
Со победата Хамилтон би се израмнил и со четирикратниот шампион Себастијан Фетел на 41 победа, но и Германецот ќе ја брка својата трета победа во деби се зоната со Ферари на патека која ја сака. Тој имаше три победи во низа во Сингапур со Ред Бул од 2011 година и верува дека тесната патека може да биде негова предност.
Сепак, од равенката не смеат да се исклучат ниту Ред Бул, кои во петокот докажаа дека нивниот болид е доволно брз да направи изненадување.
Единствена мака на организаторите е во квалитетот на воздухот во азискиот метрополис бидејќи цела недела имаат мака со чадот кој е резултат на горењето шуми во Суматра.
ГЕНЕРАЛЕН ПЛАСМАН
ВОЗАЧИ
1.Луис Хамилтон (Мерцедес) 252
2.Нико Розберг (Мерцедес) 199
3.Себастијан Фетел (Ферари) 178
4.Фелипе Маса (Вилијамс) 97
5.Кими Раиконен (Ферари) 92
6.Валтери Ботас (Вилијамс) 91
7.Данил Квјат (Ред Бул) 58
8.Даниел Рикијардо (Ред Бул) 55
9.Роман Грожан (Лотус) 38
10.Серхио Перез (Форс Индија) 33
11.Нико Хулкенберг (Форс Индија) 30
12.Макс Ферстапен (Торо Росо) 26
13.Фелипе Наср (Заубер) 16
14.Пастор Малдонадо (Лотус) 12
15.Фернандо Алонсо (Мекларен) 11
16.Карлос Саинц Јуниор (Торо Росо) 9
17.Маркус Ериксон (Заубер) 9
18.Џенсон Батон (Мекларен) 6
КОНСТРУКТОРИ
1.Мерцедес АМГ 451
2.Скудерија Ферари 270
3.Вилијамс Мерцедес 188
4.Ред Бул Рејсинг Рено 113
5.Форс Индија Мерцедес 63
6.Лотус Мерцедес 50
7.Скудерија Торо Росо Рено 35
8.Заубер Ферари 25
9.Мекларен-Хонда 17
10.Мејнор Марусја Ферари 0