Оскар Пјастри го заврши вториот слободен тренинг пред неговата домашна трка за Големата награда на Австралија, со која се означува стартот на сезоната во Формула 1, со второ најдобро време, односно 0,124 секунди зад Шарл Леклер, кој го предводеше поредокот.

По завршувањето на вториот тренинг на „Алберт Парк“, Пјастри даде интервју за „Ф1 ТВ“, во кое го коментираше својот настап денес. Австралискиот возач на Мекларен изјави дека е задоволен од неговите перформанси, но ја забележа и брзината на Ферари и Мерцедес, иако возачите на „сребрените стрели“ останаа поназад во поредокот. Џорџ Расел го освои десеттото место, а дебитантот Андреа Кими Антонели се најде на 16-тото место.
-Беше доста охрабрувачки на патеката, темпото е солидно, сè уште имаме работи што треба да ги „испегламе“ за болидот да се чувствува подобро. Но, генерално, нашето темпо изгледа добро, задоволен сум од работата што ја завршивме денес. Условите утре и недела ќе бидат сосема различни, па не знаеме колку ќе бидат корисни денешните податоци, но чувството е добро, прокоментира Пјастре.
На прашањето дали се гледа себеси како првиот Австралиец што стигнал до подиумот на неговата домашна трка, тој порача дека е тешко да се каже, бидејќи времето ќе биде многу различно во недела.
-Ова ќе ни отежне, но нашето темпо изгледа добро. Ферари изгледаше многу брзо денес, Мерцедес исто така понекогаш, така што работите изгледаат добро, но не сакам да се стремам само кон подиумот, туку кон највисокото скалило, додаде Австралиецот.