Селекторот Звонко Шундовски мораше да го крати списокот на патници за Норвешка за еден ракометар, но развојот на настаните не му одеше во прилог, па место да решава кој ќе остане, беше принуден да го изостави од списокот на патници Филип Миркуловски.
Организаторот на играта на Металург е еден од главните играчи во бековската линија, заедно со Наум Мојсоски и Кирил Лазаров, но за жал на селекторот, тој останува во Скопје.
"Имам проблем со коленото. Треба да одам на снимање, магнетна резонанца, па ќе знам точно за што се работи. Вака, на прв поглед стравувањата на докторот се дека се работи за повреда на менискус. Препорачаа мирување, па поради тоа останувам во Скопје", изјави Миркуловски, по вчерашниот утрински тренинг, кој го проследи од клупата за резерви.
Ова би можело да е потенцијално голем проблем и за Металург, кој на 19 ноември продолжува со натпреварите од Лигата на шампионите.
Селекторот Шундовски знае што за тимот значи отсуството на Миркуловски, иако има доволна залиха на бекови со кои ќе се обиде да го надополни неговото отсуство.
Од тоа што се тренираше вчера, веројатно прв избор ќе биде Бранко Ангеловски, иако тука се уште и Стоилов, Маркоски, Лазаров и Кукоски, кои можат да одиграат на лев бек, а Наум Мојсоски би бил главниот организатор на играта.
"Отсуството на Миркуловски менува многу работи. Докторите препорачаа да мирува и таа одлука ќе ја почитуваме. Ова е турнир на кој ќе се потсетиме на некои работи кои сме ги играле, ќе воигруваме, ќе видиме каде сме во овој момент. Противниците се респектабилни и ќе биде ова сосема солидна проверка", вели селекторот Шундовски.
|
Другите играчи се сите во строј, со тоа што голманот Борко Ристовски беше поштеден и мина голем дел од тренингот на клупата. Познато тој имаше проблем со повреда и за саботниот меч меѓу Вардар и Нексе, но тоа сепак, не го спречи да застане на голот во последните десетина минути и да биде играч кој го одлучи победникот.
Ангелов и Митревски во секој случај се во составот максимално подготвени, па така Ристовски ќе може да биде штеден.
Македонската селекција според најавите требаше утрово, да замине за Норвешка, каде од утре до сабота ќе ги одигра првите три контролни натпревари во склопот на подготовките за ЕП 2012.
Вистинските, односно финалните подготовки, почнуваат од 20 декември, противници се уште се бараат.
"Јас уште летово поднесов план за подготовки на состанокот на УО. Планот е променет со учеството на овој турнир во Норвешка, кој не беше во моите планови. Потребни се контролни натпревари во завршната фаза од подготовките. РФМ работи на договарање на натпревари. Начелно две средби се договорени, но за тоа кога ќе биде дефинитивно. Што се однесува до Кроација куп, исто и тој турнир не беше во план. Шведска е репрезентација која сметам дека можеме да ја победиме и затоа не сакам пет дена пред официјалниот натпревар да играме контролен натпревар со нив, ниту да играме на турнир пред нивни очи", вели Шундовски.
Репрезентацијата на Шведска, која е наш прв противник, и селекцијата на Германија со која ќе играме во второто коло, се среќаваат неделава во рамките на турнирот "Супер куп" кој го организира Германија.
Нашиот трет противник, Чешка, ќе игра на промотивниот турнир за ЕП/ Ќе гостува во Србија и заедно со Хрватска и Унгарија ќе го сочинува турнирот "4 нации".