ЛИГА НА ШАМПИОНИ
Сабота:
ВАРДАР – МЕШКОВ БРЕСТ 17:30
Сала:„Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Вајдас Мазејка и Маингаугас Гателис од Литванија. Делегат: Предарг Павичевиќ
Првиот натпревар во сезоната од СЕХА лигата Вардар го одигра со Мешков Брест во „Јане Сандански“. Првиот натпревар на домашен терен во Лигата на шампионите ќе го игра повторно со Мешков Брест
Мешков Брест повторно ќе биде гостин на скопска премиера во Лигата на шампионите. По премиерниот меч во СЕХА, следува премиерата во „Јане Сандански“ на Лигата на шампионите.
Отворањето во СЕХА резултатски не мина според желбите на вардарци, шанса за поправен има денеска.
Вардар не само што го поправи впечатокот од релативно неубедливиот старт туку и сега изгледа импресивно и доминантно и над екипи кои се најблаго кажано сериозни тимови.
Раул Гонзалес потврдува дека е задоволен од тоа како изгледа и како игра екипата, но предупредува дека нема простор за никаква несериозност која може да биде казнета.
„Лани имавме едни, сега имаме други играчи. Треба да играме како можеме, а не како сакаме. Сакам да ротирам, да играм со повеќе ракометари. Имаме нови играчи, ние треба да тренираме многу, сите да играат и одбрана и напад. Играме побрзо, но треба да се фокусираме на секој натпревар. Некогаш играш брзо, но не и добро. Јас бев горд како игравме лани со други играчи, па така и сега треба да докажеме дека можеме да направиме нешто добро. Очекувам да продолжи нашата добра форма, сега играме добро и сите уживаат кога ја гледаат нашата екипа. Игравме двапати против Мешков, во август и во СЕХА лигата. Игравме многу потешко затоа што тие имаат добри играчи, умни, кои знаат да го користат контранападот. Ако сакаме да победиме мораме да се фокусираме 100 отсто, мора да се победува во ЛШ ако сакаш да постигнеш добар резултат“, изјави Гонзалез.
Брест има дузина добри играчи, но најмногу внимание ќе треба да се посвети на Павел Атман. Русинот почна да ја враќа луцидноста која му беше задушена со начинот на кој играше Металург во времето кога тој ги бранеше боите на клубот од Скопје и сега одново потсетува на своите (нај)добри денови. Но, и да не му оди или да биде добро затворен, имаат алтернативни Белорусите на сите позиции, па севкупно, Вардар ќе мора да биде екстра внимателен денеска.
БИТКА ЗА ПРВОТО МЕСТО
Системот на натпреварување во Лигата на шампионите воведен минатата година им носи капитална предност во битката за „Ф4“ на екипите кои ќе го освојат првото место во групата. Тие речиси до Келн немаат голем предизвик пред себе, во најлош случај ќе треба да играат со четвртопласирана екипа од спротивната група за билет во Келн. Сите други ќе имаат во 1/4 финалето опасен противник.
Тоа значи дека во конкуренцијата со Келце, Пик Сегед, Рајн Некар, македонскиот тим не смее да си дозволи грешки. Посебно затоа што конкуренцијата во групата „А“ ја сочинуваат ПСЖ, Веспрем, Барселона, Флензбург и Кил.
Има многу „нагазни мини“ на патот кон Келн. На гостувањата во Сегед, Брест, Манхјам и Келце се натпревари на кои никој не може ладнокрвно да каже дека ќе се врати со целиот плен. РНЛ тоа го почувствува во Сегед. Во зависност од тоа како ќе поминат Вардар и Келце кога ќе дојде ред да играат во Унгарија, ќе можеме да кажеме дали РНЛ таму освоил или загубил бод.
Целје за малку ќе го изненадеше РНЛ, а го „изненади“ Загреб и на нив мора да се внимава. ППД Загреб е екипа кај која редовно некој настрадува. Тоа се мечеви на кои ќе се прекрши битката за првото место, па затоа каков и да е „кикс“ на домашен терен, би можел да се претвори во распрскување на сонот наречен фајнал фор.