На патеката „Матка“ крај Скопје претстојниот викенд ќе се одржи 56.издание на Илинденскиот кајак слалом – ИКАС. Пријавени се над 100 натпреварувачи од десет земји. Од Македонија во двете конкуренции (машка и женска) учество ќе земат дваесетина кајакари.
Министерот за спорт, Борко Ристовски, ја потврди заложбата за поддршка на овој спорт кој ја афирмира нашата земја на меѓународен план.
- ИКАС е традиционално натпреварување кое треба да се поддржи и да се негува. Како министерство за спорт силно се залагаме една од најстарите спортски манифестации во Македонија да ја издигнеме на повисоко ниво. Чест ми да се биде покровител на вакво меѓународно натпреварување. Се надевам на успешна организација и соработка и во иднина со новиот претседател на Кајакарската федерација во насока на исполнување на амбициите за организирање и на други силни натпреварувања, рече Ристовски на денешната прес-конференција.
Првиот човек на Кајакарската федерација на Македонија, Роберт Папазов ги повика љубителите на кајакот и на природата воопшто, в сабота и недела да дојдат на Матка и да бидат дел од ИКАС.
- Прогнозите се дека викендот ќе имаме убаво време и затоа апел до публиката да дојди во што поголем број и да им даде поддршка на кајакарите. Ние како федерација имаме одлична соработка со Министерството за спорт и се надевам дека успешно ќе го организираме ИКАС 2025, рече Папазов.
Нашиот најдобар кајакар Ангел Петрушев посакува во добро светло да се претстави пред домашната публика.
- Се надевам на добар пласман. Конкуренцијата ќе биде исклучително тешка. Задоволен ќе бидам и со пласман во финалето, истакна Петрушев.
Годинава бодовите освоени на ИКАС ќе се сметаат и во генералниот пласман на светската ранг-листа, па затоа пријавени се и поквалитетни натпреварувачи во споредба со минатата година.