Сиудад Реал парите ќе ги уплати на три рати, а Лазаров веќе вчера отпатува за Шпанија и го потпиша двегодишниот договор.
Екипата на Сиудад Реал доцна синоќа објави информација во која се вели дека Кире Лазаров е нов ракометар на клубот и во него ќе игра во следните две години.
Со тоа се потврдува веста која што е актуелна од вторникот и веќе и официјално е познато дека нашиот најдобар играч ја продолжува кариерата во Асобал лигата. Тој ќе го носи дресот на еден од најдобрите три клуба во Европа и во светот во моментов. Сиудад Реал го освои и трофејот на турнирот на шампионите на континентите така што ова е најсилниот тим каде што Лазаров можеше да замине во моментов и да ја продолжи кариерата.
Трансферот изнесува 125.000 евра така што и двете екипи се договориле и сега останува да се досредат формалностите и капитенот на македонската репрезентација наскоро да дебитира. Според информациите кои ги пренесуваат медиумите од Хрватска сумата од 125.000 евра екипата на Сиудад ќе ја исплаќа на три рати така што веќе нема никакви дилеми.
Како што е познато, по завршувањето на сезоната Загреб сакаше да ги намали договорите на неколку ракометари меѓу кои беше и Лазаров. Тој не прифати да игра за помал договор така што реши да замине иако имаше уште една година.
Вчера се очекуваше Лазаров да се приклучи на својот нов тим кој во моментов тренира во спортскиот центар Сиера Невада каде што екипата ќе се подготвува уште неколку дена бидејќи веќе во вторник екипата се сели во Добој. Тој веќе го имаше подготвено багажот за пат кон Шпанија така што веднаш се пресели и се очекува да им се придружи на своите нови колеги.
Што се однесува до дебито, за него Лазаров нема да мора да чека многу бидејќи тоа ќе се случи веќе во вторник. Сиудад Реал ќе учествува на ТВ турнирот во Добој, а на првиот меч ќе ги одмери силите со домаќинот Слога. Ова воедно ќе биде шанса и за Лазаров да потврди дека го одбра вистинскиот клуб за новата сезона.
Инаку, од она што можеше да се прочита во шпанските медиуми вчера, постои големо задоволство од ангажманот на Лазаров во Сиудад. Фановите на овој тим го поздравуваат договорот со Кире бидејќи добро ги знаат неговите квалитети. Се потенцира и тоа дека има убиствен шут и дека со него Сиудад Реал доби бек кој шутира и подалеку од линијата од девет метри. Воедно се коментира и тоа дека за играч каков што е Лазаров сумата која Сиудад Реал ја има платено за негов ангажман е мала бидејќи тој вреди многу повеќе.
Против Загреб во група од ЛШЛазаров ќе има можност да игра против своите сега веќе поранешни колеги бидејќи неговиот нов тим е во иста група со Загреб. Ова ќе биде одлична шанса за Лазаров уште еднаш да одигра натпревар пред публиката каде што играше неколку сезони. Сепак, сега ќе го полни голот на Загреб.