По стартната победа над Русија и поразот од Грција, македонската ватерполо репрезентација денеска од 13 часот игра против Германија во рамките на 3.коло од Европското првенство што се одржува во Загреб. За македонските ватерполисти ова е нова можност да го поправат лошиот ден од дуелот со Грција.
На ЕП во Малага пред две години Македонија загуби од Германија со 7:5 во натпревар во групите.
За денешниот натпревар неизвесен е настапот на повредениот Благоје Ивовиќ, кој при постигнувањето на решавачкиот гол со Русија ја обнови повредата, а во дуелот со Грција настапи само 2-3 минути.
- Ќе се обидеме да ги надминеме пропустите од дуелот со Грција и да ја постигнеме втората победа со која би го освоиле 4.место во групата. Добро ни дојде вчерашниот слободен ден за средување на впечатоците од првите два натпревара и за обновување на силите за денешниот меч, изјави капитенот Ненад Петровиќ пред дуелот со Германија.
Инаку, денеска први во водите во базенот Младост од 10 часот ќе се појават ватерполистите на Србија и на Русија, двете селекции од нашата група, додека Унгарија и Грција својот натпревар го играат од 16:30 часот.
Во „Б“ групата прва е Унгарија со 6 бодови, пред Србија, Македонија, Германија и Грција кои имаат по 3, последна е Русија без бод.
Во „А“ групата од 11:30 часот играат Турција и Италија, во 18 часот е дуелот на домаќинот Хрватска и Романија, додека од 20:40 е натпреварот Црна Гора – Шпанија.
На табелата во оваа група со по 6 бодови водат Романија и Италија, пред Хрватска и Црна Гора кои имаат по 3, а без бод се Шпанија и Турција.
Вчерa се одиграа и дуелите од 1.коло од женскиот турнир и беа постигнати следниве резултати: Грција – Италија 7:5, Хрватска – Русија 3:28, Холандија – Унгарија 8:9 и Шпанија – Германија 12:10.