Очекуван убедлив пораз од 19:9 на македонската ватерполо репрезентација од светскиот првак Србија во дуелот од четвртото коло на Европското првенство што се одржува во Загреб.
Иако ова беше можност да се прикаже добра игра ривалот не дозволи ниту најмала шанса, а македонските ватерполисти потфрлија особено во играта во напад кога тешко доаѓаа во позиција да упатат удар кон противничкиот гол.
По слабата прва четвртина која ја загуби со 4:0, Македонија првиот гол го постигна во 16.минута. Вториот период Србија го доби со 2:1, а во третиот беше уште по ефикасна добивајќи ја четвртината со 7:2. Во последната четвртина избраниците на Стеван Нонковиќ за првпат успеаја да постигнат и два гола по ред на овој натпревар, а воедно и единствената која резултатски мина без победник и заврши 6:6.
Головите за Македонија ги постигнаа Здравко Делаш 3 голови, Данијел Бениќ и Владимир Латковиќ постигнаа по 2, а Игор Рачуница и Иван Вукасановиќ по 1.
Кај Србија воедно и на натпреварот најефикасен беше Андрија Прлаиновиќ со 5 голови.
Србија со оваа победа има 9 бодови, а Македонија во пресрет на неделниот дуел со Унгарија остана на 3 бодови.